Таткото на Фросина: „Зошто наместо да вози право, сврте кон нашето чедо?“
Тодор Кулаков, таткото на трагично настраданата Фросина Кулакова, со јавна болка и гнев ги повика институциите да одговорат на прашањето кое ја мачи неговата фамилија и јавноста: Зошто Васил Јованов, возачот кој ја усмрти неговата ќерка, го свртел воланот кон неа, наместо да продолжи право?
Тој истакна дека и двајцата родители на Јованов треба да понесат одговорност за тоа што нивниот син добил пристап до автомобилот, кој на крајот стана орудие на трагедијата.
„Кога правдата ја губи вредноста, тогаш државата ја губи душата“, рече Кулаков, додавајќи дека нивната борба не е само за Фросина, туку за сите деца, за ниту едно повеќе да не заврши под тркалата на безмилосен човек кој потоа се обидува да избега од одговорност.
Во своето сведочење, Кулаков ја опиша ќерка си како светла личност која каде и да се појавела, зрачела со позитивност. Неговиот опис на несреќата е потресен: Фросина, велеше тој, од ударот летнала во воздух, со искршени коски, отворен граден кош и распукано срце.
„Како клучен фактор прашувам: зошто Васил нагло свртува кон неа, зошто не продолжи право? Дали е тоа агресија? Барам одговор, овде пред сите. Зошто, наместо право, сврте кон нашето чедо“, се запраша со скршено срце таткото на Фросина.
Оваа трагедија повторно го отвора прашањето за одговорноста на младите возачи, нивните семејства и правосудниот систем, кој според Кулаков, честопати дозволува виновниците да избегнат со минимални последици. Семејството на Фросина бара правда, не само за својата ќерка, туку и за иднината на сите млади луѓе во земјата.