Таравари: Вратата за тие што заминаа е засекогаш затворена – тие секогаш беа сателити
Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на синоќешниот собир на партијата во Куманово, упати силни пораки за тековната политичка состојба во партијата и најави сериозни кадровски промени. И покрај предизборните ветувања, Таравари отворено призна дека очекуваните промени не се реализирале во целост.
„Во 2024 година рековме дека ќе донесеме промени, но денес не можеме со гордост да кажеме дека ги донесовме. Ако отидете во царина, болници или други институции и прашате дали е подобро сега отколку пред да дојдеме ние, сите ќе одговорат дека им било подобро порано“, истакна Таравари пред присутните симпатизери.
Собирот, кој се одржа под засилено полициско обезбедување, беше дел од процесот на избор на нов изборен штаб на Алијансата. Таравари беше пречекан со аплаузи, но неговиот говор доби особено внимание поради најавата за смена на Арбен Фетаи од позицијата претседател на партискиот собраниски состав, како резултат на заминувањето на пратеничката Мимоза Муса од редовите на партијата.
„Ми е жал за тие што си заминаа. Секогаш сум се трудел да ги задржам сите заедно. Но, нека знаат дека вратата на АА за нив засекогаш ќе остане затворена“, порача Таравари, испраќајќи јасна порака дека нема враќање за оние кои, според него, ја напуштиле партијата од опортунистички причини.
Лидерот на АА упати и остри критики кон поранешните членови и функционери кои останале во власта, алудирајќи на тоа дека нивното учество е мотивирано од лични интереси.
„Едниот што беше контакт со ДУИ сега вели дека не сака да соработува со нив. Другите нека си земаат плата до октомври, потоа сè ќе се смени. По локалните избори ќе имаме нова ситуација. Оние што си заминаа, и кога дојдоа беа сателити. Во ноември некој ќе ги спакува куферите и ќе си замине, а тука ќе останат оние што ќе нè следат“, рече Таравари, алудирајќи на планирани политички престројувања по изборниот циклус.
Оваа изјава доаѓа во чувствителен момент за Алијансата за Албанците, додека партијата се обидува да консолидира внатрешната структура и поддршка по серијата политички отстапувања. Таравари со својот говор постави цврста линија кон иднината – со јасна поддршка само за оние кои остануваат лојални на партиската визија.