26 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Свештеникот Александар Димоски на својот фејсбук-профил објави реакција на серијалот што се емитува на националната српска телевизија РТС, под наслов „Српске средњовековне задужбине у Северној Македонији“. Тој во објавата постави прашање:
„Дали Македонците се соочуваат со закана за бришење на вистинскиот идентитет на ‘српските’ светињи во Македонија?“
Како што објаснува Димоски, емисијата се емитува секоја среда во 20:30 часот на РТС, а потоа и на РТС Свет од 21:30 часот – канал што е достапен и кај македонските оператори. Во рамки на серијалот досега биле прикажани четири епизоди посветени на манастирите Лесново, Старо Нагоричане, Матејче и Марков манастир.
Според него, во овие емисии се промовира „српска шовинистичка и асимилаторска политика“, која потсетува на периодот меѓу двете светски војни. Тој додава дека пропагандата, како што ја нарекува, „веќе не е сокриена“.
Свештеникот посочува дека најзагрижувачки дел од серијалот е тврдењето дека средновековните храмови во Македонија, изградени од српските цареви, наводно ѝ се ‘отстапени само на користење’ на Македонија.
„Ова претставува директен обид за ревидирање на историските факти и за релативизирање на македонското духовно и културно наследство,“ предупредува Димоски во својата објава.
Објавата на свештеникот Димоски предизвика реакции на социјалните мрежи, каде што дел од јавноста ја поддржа неговата загриженост, додека други ја гледаат како дел од пошироката расправа за односите меѓу Македонската и Српската православна црква.
Димоски апелира на внимателност и повикува на заштита на македонскиот духовен идентитет и историското наследство, кое, според него, не смее да биде предмет на туѓи политички интерпретации.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

