15 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Основниот кривичен суд Скопје му определи мерка притвор во траење од 30 дена на поранешниот државен правобранител Фахми Стафа, поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци. Како што информираат од Судот, одлуката е донесена по прифаќање на предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Претходно денеска, од Обвинителството соопштија дека Стафа е осомничен дека во периодот од октомври до 13 декември 2025 година примил вкупно 50.000 евра, со цел да посредува и да го искористи своето реално влијание за интервенција кај судија во Апелациониот суд Скопје. Намерата, според наводите на Обвинителството, била преку поткуп да се влијае врз извршување службено дејствие кое не смеело да биде преземено.
Истрагата утврдила дека осомничениот првично побарал сума од 100.000 евра за да обезбеди укинување на мерката притвор определена за лице кое е недостапно за органите на прогонот и против кое ОЈО ГОКК води посебна постапка за кривични дела поврзани со јавните финансии, платниот промет и стопанството.
Според информации на „360 степени“, станува збор за осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов – Ѓаволот, за кого Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор. Во овој предмет, Стафа настапувал како адвокат на Пецов и пред неколку месеци поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор, и тоа во отсуство на Пецов, при што била понудена и гаранција. Пецов, инаку, и понатаму е недостапен за органите на прогонот.
Постапката против Стафа е во тек, а од надлежните институции најавуваат продолжување на истражните дејствија со цел целосно расчистување на случајот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

