06 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во рамки на владејачката коалиција се појави отворен несогласувачки став меѓу претставниците на ВЛЕН и ЗНАМ во врска со јазикот на кој треба да се полага Правосудниот испит, откако албански студенти побараа тој да може да се полага и на албански јазик.
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, изјави дека Законот за Правосуден испит, кој е во сила од јануари 2020 година, има недостатоци бидејќи не го прецизира јасно јазикот на кој се спроведува испитот. Според него, ова прашање мора да се доуреди, а тој јавно ја поддржа иницијативата на албанските студенти по право испитот да се полага и на албански јазик.
Сали посочи дека Уставот и Законот за употреба на јазиците го гарантираат службеното користење на албанскиот јазик за заедниците што сочинуваат над 20 проценти од населението, нагласувајќи дека ова право треба да важи и за Правосудниот испит. „Ставот на ВЛЕН е јасен — ние сме за тоа ова право да им се овозможи на студентите“, изјави тој.
Од друга страна, Министерството за правда, предводено од Игор Филков од редовите на ЗНАМ, се спротивставува на ваквото толкување. Од Министерството наведуваат дека испитот не може да се полага на албански јазик, бидејќи тој претставува и проверка на активното познавање на македонскиот јазик, што е законски услов за вршење правни професии како судија, јавен обвинител, адвокат, нотар и извршител.
Дебатата се интензивираше по петицијата потпишана од 385 албански студенти од три правни факултети — Универзитетот во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитетот „Мајка Тереза“ — кои бараат Правосудниот испит да го полагаат на јазикот на кој ги завршиле студиите. Петицијата е доставена до Министерството за правда, Агенцијата за примена на јазиците, Инспекторатот за употреба на јазиците, претседателот на Собранието и првиот заменик-претседател на Владата.
Од Владата потврдија дека барањето е примено и дека ќе биде разгледано, без да прецизираат какви ќе бидат следните чекори. И претседателот на Собранието ја проследил иницијативата до Министерството за правда.
Инаку, во 2024 година бил подготвен предлог-закон со кој ќе се овозможеше полагање на Правосудниот испит на албански јазик, но тој бил повлечен од процедура по промената на парламентарниот состав и формирањето на новата влада.
Во моментов, во Законот за Правосудниот испит не постои одредба што експлицитно го ограничува полагањето исклучиво на македонски јазик. Во исто време, Законот за употреба на јазиците предвидува државните институции да овозможат користење на службените јазици што ги зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, вклучително и во постапките пред државните органи — аргумент на кој се повикуваат поддржувачите на законските измени.
Возачите на ЈСП ќе ги плаќаат казните од свој џеб за сообраќајни прекршоци
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

