22 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
И покрај честите тврдења на актуелната власт дека Македонија се наоѓа во фокусот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, земјава засега не доби покана за учество во т.н. „Одбор за мир“ – нова меѓународна иницијатива чија цел е стабилизација на кризата на Блискиот Исток, со посебен акцент на Појасот Газа.
Од Владата за медиумите изјавија дека „до овој момент“ до премиерот не е пристигната никаква официјална покана. Истовремено, молк владее и од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која досега јавно не се огласи по ова прашање.
Недостигот од покана за Македонија доаѓа во контекст кога власта повеќепати јавно се пофали со блиски односи и „стратешко партнерство“ со САД, особено со кругови блиски до Трамп. Сепак, најновиот развој на настаните покажува дека земјава не е дел од ниту првиот, ниту од проширениот список на држави вклучени во иницијативата.
Од регионот, покана не добила ниту Србија, додека Косово – иако првично не било на списокот – во меѓувреме даде отворена поддршка на „Одборот за мир“. Косовската претседателка Вјоса Османи јавно се пофали со поканата, истакнувајќи дека САД одиграле клучна улога во постигнувањето мир во Косово, поради што, како што наведе, земјата стои „цврсто како сојузник на Америка“.
За разлика од Македонија, Бугарија е меѓу поканетите земји, што дополнително го нагласува отсуството на Скопје од иницијативата, особено ако се има предвид дека токму бугарски дипломат ќе има клучна улога во новата структура.
Поканата безрезервно ја прифати Белорусија, додека италијанските медиуми јавуваат дека премиерката Џорџа Мелони бара начин како да се дистанцира од иницијативата, иако првично го поздравила повикот. Меѓу лидерите од регионот кои добиле покана се хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, албанскиот премиер Еди Рама и словенечкиот премиер Роберт Голоб.
Според досегашните потврди и објави на социјалните мрежи, списокот на поканети земји – кој сè уште не се смета за конечен – опфаќа повеќе од 60 држави и институции, меѓу кои се земји од Европа, Азија, Африка и Америка, како и Европската комисија. На списокот се наоѓа и Бугарија.
За „Висок претставник на Одборот за мир“ е именуван бугарскиот дипломат Николај Младенов, кој ќе има задача да го надгледува преминот на власта во Газа од Хамас кон палестинска администрација составена од технократи. Новата администрација треба да ја предводи Али Шат, поранешен заменик-министер во Палестинската самоуправа.
Покрај ова, Белата куќа најави и формирање Извршен комитет за Газа, кој ќе соработува со Канцеларијата на високиот претставник и со т.н. Национален комитет за управување со Газа – ново тело задолжено за цивилната и административната транзиција во регионот.
Во вакви околности, отсуството на Македонија од оваа меѓународна иницијатива, особено во споредба со поканетата Бугарија, повторно го отвора прашањето колку е реална тежината на прокламираното „стратешко партнерство“ со САД и дали надворешнополитичките позиции на земјава навистина се рефлектираат во клучните глобални процеси.
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

