08 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Државјанин на Германија беше осуден на условна казна затвор и протеран од Македонија со петгодишна забрана за влез, откако предизвика национална омраза со веење знаме на т.н. „Голема Албанија“ пред фудбалски натпревар во Скопје.
Инцидентот се случи на 5 август, непосредно пред почетокот на мечот помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“, кога обвинетиот, со истакнување на знаме со натпис „Автохтона“, предизвика чувства на етничка нетрпеливост и омраза. Дејствието беше забележано од страна на полициски службеници, по што лицето веднаш беше лишено од слобода.
По идентификацијата и поднесената кривична пријава од страна на СВР Скопје, Основното јавно обвинителство го процесуираше случајот по итна постапка. Обвинетиот беше гонет за кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, согласно член 319 од Кривичниот законик.
Основниот кривичен суд Скопје, врз основа на обезбедените докази и во соработка со надлежното обвинителство, му изрече условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако обвинетиот не стори ново кривично дело во наредните пет години. Дополнително, бидејќи станува збор за странец, судот донесе одлука за негово протерување и забрана за влез во државата во период од пет години.
Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство најавија дека ќе продолжат со координирани активности за откривање и санкционирање на сторители на кривични дела поврзани со ширење на омраза и нетрпеливост, особено во контекст на спортски настани. По нивната идентификација, сторителите ќе бидат процесуирани согласно законските процедури.