27 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Стопанската комора апелира проблемот со системот ЕЕС да се решава преку институционални механизми и дијалог со надлежните европски институции, наместо со блокади на граничните премини, кои, според нив, можат да предизвикаат сериозен економски колапс во државата и пошироко во регионот на Западен Балкан.
Реакцијата на Комората доаѓа по најавата на транспортните превозници дека од денеска, во наредните седум дена, ќе започнат со блокади на граничните премини. Од Стопанската комора предупредуваат дека дури и еднодневно нарушување на протокот на стоки на граничните премини со Европската Унија може да има далекусежни негативни последици, а блокади во траење од една седмица би значеле сериозен удар врз целокупната економија.
„Губитници во ваква ситуација нема да бидат само превозниците во меѓународниот патен сообраќај, туку сите деловни субјекти вклучени во надворешнотрговската размена – извозници, увозници, производствени компании и цели синџири на снабдување“, истакнуваат од Комората.
Тие потсетуваат дека минатата недела, заедно со коморите од земјите на Западен Балкан, упатиле заеднички апел до претседателката на Европската комисија, во кој побарале земјите членки на ЕУ да усвојат привремени мерки што ќе им овозможат на професионалните возачи непречено извршување на меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение за функционирањето на системот ЕЕС.
Според Стопанската комора, ваквиот пристап би бил во заеднички интерес и на Европската Унија и на Западен Балкан, и би испратил јасен сигнал за посветеност на интеграцијата на регионот и за зачувување на непреченото функционирање на синџирите на снабдување. Тие оценуваат дека актуелниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко усогласлив со заедничките напори за подлабока економска интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
Во однос на можните економски последици, од Комората велат дека во овој момент е тешко прецизно да се проценат загубите, бидејќи тие ќе се појават по повеќе основи – пенали за задоцнета испорака, раскинување договори, намалено или запрено производство, нереализиран извоз, како и недостиг на суровини за навремено производство.
„Сепак, извесно е дека загубите ќе бидат од големи размери и ќе имаат сериозно влијание врз конкурентноста на домашната економија“, нагласуваат од Стопанската комора, апелирајќи на разум, координација и институционално решавање на проблемот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

