30 јануари 2026
• од Гоце Кически
Сојузот на синдикатите на Македонија најави дека од следната недела ќе започне со блокади, а во сила останува и одлуката за организирање 24-часовен генерален штрајк доколку не дојде до зголемување на платите. Од ССМ упатија отворен повик до Владата во понеделник да дојде во зградата на синдикатот и да го потпише колективниот договор со кој платите би се зголемиле за 40 отсто, почнувајќи од февруари.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција истакна дека синдикатот бара и минималната плата, наместо во 2028 година, да достигне 600 евра уште од февруари 2026 година.
„Го повикуваме претставникот на Владата во понеделник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој ги зголемува платите на вработените за 40 отсто. Преку вас, медиумите, го покануваме да дојде и да ги зголеми платите, наместо да се пласираат манипулации дека ССМ одбил зголемување“, изјави Трендафилов, нагласувајќи дека доколку тоа не се случи, синдикатот ќе продолжи со најавените мерки.
Тој информираше и за, како што рече, притисоци врз работниците во одредени компании да не учествуваат на протестите. Како примери ги наведе Македонска пошта и Тутунскиот комбинат Прилеп, каде, според неговите тврдења, раководни лица ги повикувале вработените да не излегуваат на протест и да потпишуваат пристапници во други синдикални организации.
Трендафилов побара Државниот инспекторат за труд да изврши надзор и да утврди како за краток временски период биле собрани голем број пристапници, посочувајќи и на изјави од одделни синдикални претставници дека нема потреба од протестирање.
ССМ останува на одлуката блокадите да започнат од следната недела, при што првично ќе се блокираат влезовите во Скопје и објекти на државните институции. Според најавите, меѓу првите ќе биде блокирано и Собранието.
„Ќе започнеме со блокади на Собранието, бидејќи тие една година ги блокираа работниците, го чуваа законот во фиока и не сакаа да ги зголемат платите. Пратениците тој ден ќе мора да дојдат пешки или со јавен превоз“, рече Трендафилов.
Во сила останува и одлуката за организирање 24-часовен генерален штрајк, донесена од највисоките тела на синдикатот. Според Трендафилов, штрајкот ќе ги заштити сите работници кои тој ден нема да ги извршуваат своите работни обврски, со минимален процес на работа само во здравството и безбедноста.
Инаку, ССМ во средата одржа масовен протест поради, како што наведуваат, неисполнување на барањата за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и зголемување на сите останати плати за 100 евра
Не Бугарија, не Брисел – туку Мицкоски: вистинската причина за застојот кон ЕУ
Кривична пријава против Марко Беслимовски за штета од над 14 милиони денари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

