11 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) најави продолжување на синдикалните активности со нова блокада што ќе се одржи утре, 12 февруари 2026 година, со почеток во 12:00 часот. Со ова започнува втората фаза од иницијативата за зголемување на работничките плати, која, според Синдикатот, е насочена кон институциите што имаат директно влијание врз економските политики и условите за работа.
Блокадата ќе се реализира на раскрсницата пред Стопанската комора на Северна Македонија, а како цел на протестот се посочени и Организацијата на работодавачи на Македонија и Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Од ССМ информираат дека овојпат на улица ќе излезат точно 21 претставник — бројка што претставува законски минимум за организирање ваков вид активност. Со тоа, велат од Синдикатот, сакаат да испратат симболична, но јасна порака дека работниците нема да дозволат понатамошно влошување на нивниот животен стандард.
Од ССМ порачуваат дека протестот е реакција на, како што наведуваат, долгогодишните блокади на работничките барања од страна на работодавачите, пратениците и Владата.
„Нема да дозволиме работниците да мрзнат на улица само за да ги блокираат оние кои со децении го блокираат работничкиот стандард“, истакнуваат од Синдикатот.
ССМ упати извинување до граѓаните за можните застои во сообраќајот за време на блокадата, нагласувајќи дека ќе се обезбеди непречен премин за службите за итна медицинска помош, противпожарната бригада и полицијата.
Од Синдикатот уверуваат дека секој итен случај ќе биде пропуштен, со цел да не се загрози безбедноста и здравјето на граѓаните.
Со најавената акција, ССМ продолжува со притисокот врз бизнис-секторот и институциите, барајќи конкретни чекори за зголемување на платите и подобрување на економската состојба на работниците во земјата.
Џорџа Мелони им оддаде почит на илјадниците Италијанци убиени од режимот на Тито
Филипче: Врв на безобразие – нема пари за плати, а има за нов владин авион
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

