12 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Минатата недела „Блумберг Адрија“ објави податок кој ја шокираше јавноста – во јули највисоката исплатена нето-плата во Македонија достигнала над 320.000 евра. Дополнително, трите највисоки плати заедно надминуваат 700.000 евра. По ваквите информации, став побара и Синдикатот на работниците на Македонија (ССМ).
Според податоците за мај 2025 година, во земјата биле евидентирани 509.960 работници со пресметана и уплатена нето плата. Од нив, дури 374.045 или 73,3% примале плата пониска од просечната, додека 135.915 или 26,7% добивале плата над просекот.
Фрапантен е фактот дека газдата со највисока плата земал износ еднаков на вкупниот месечен приход на 817 работници на минималец. Ако се споредат трите највисоки плати, тие изнесуваат колку приходите на 1.790 работници кои земаат минимална плата. И покрај тоа, често се слушаат критики дека македонските работници се „непродуктивни“.
Дополнителна загриженост предизвикуваат податоците од Управата за јавни приходи (УЈП), обезбедени преку ССМ. Имено, во мај се евидентирани 0 (нула) работници кои примиле точно минимална или точно просечна плата. Ова отвора сомнеж во начинот на кој се пресметуваат и прикажуваат статистиките, особено ако се земе предвид дека политичарите редовно се фалат со растот на просечната плата како доказ за подобрување на животниот стандард.
Реалноста, сепак, е поинаква: голем дел од работниците, иако земаат плата, тонеат во сиромаштија. Во исто време, газдите со милионски месечни примања и функционерите со плати над 2.000 или 2.500 евра живеат во луксуз, глуви за барањата за зголемување на минималната и на останатите плати.
Една од најголемите неправди во системот е начинот на кој се пресметуваат придонесите и даноците. Работниците со минимална или плата до просечната даваат 38% од својот приход за задолжителни социјални осигурувања.
Од друга страна, газдите со милионски плати плаќаат придонеси до максимум 16.430 евра бруто – сума што е лимитирана според највисоката основица. Над тој износ, обврската се сведува само на 10% персонален данок. Така, најбогатите практично придонесуваат далеку помалку во однос на нивната реална заработка, што ја продлабочува социјалната неправда.
Пред Владата стои јасен предизвик: да застане на страната на работниците кои едвај преживуваат со плата под просекот или да продолжи да им дозволува на газдите-мултимилионери да ја користат дупката во системот. Ситуацијата е повеќе од алармантна – едните даваат 38% од својот мал приход, а другите со огромни плати плаќаат само 10%.
Ако не се преземат итни мерки за корекција на неправдите во даночниот и платниот систем, економските показатели и „растот на просечната плата“ ќе останат само бројки на хартија, далеку од реалната слика на животот на македонскиот работник.
BULGARIA 2025: НАТО и Бугарија покажаа единство и сила во справувањето со кризи
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден