13 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, категорично ги демантира обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека, додека бил на функција, го штител нелегалното работење на дискотеката „Пулс“ во Кочани – местото на трагичниот пожар на 16 март, во кој загинаа 62 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Во објава на Фејсбук, Спасовски остро реагираше на тврдењата на опозициската партија, оценувајќи ги како целосни невистини:
„Најостро ги демантирам лагите и манипулациите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги пласира. Ги отфрлам како целосни невистини. Ова е класичен пример за очајна манипулација. Никогаш, ниту во еден момент, не сум се јавил за да спречам контрола. Напротив – фактот што контроли имало насекаде е најсилна потврда дека ниту сум влијаел, ниту постои било каков обид за тоа.“
Поранешниот министер ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, „очаен обид за политичка злоупотреба на трагедијата во Кочани“.
„Овие лаги што ги шири ВМРО-ДПМНЕ се обид за последна злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели. Јавноста веќе знае дека токму нивни функционери, од сите ешалони на власта, биле директно инволвирани во случајот ‘Пулс’ – а сега се заштитени“, напиша Спасовски.
Тој порача дека „со спинови и лаги не може да се побегне од фактот дека власта ја попречува правдата за трагедијата во Кочани“.
Од опозициската партија претходно денеска побараа одговор од Спасовски, прашувајќи дали, додека бил министер, се јавувал во СВР Штип и барал да се изврши притисок врз полицијата во Кочани за, како што тврдат, „да се спаси газдата на дискотеката ‘Пулс’“.
Трагедијата во Кочани и понатаму ја потресува јавноста. Истражните органи продолжуваат да ја утврдуваат одговорноста за пожарот, кој зад себе остави длабоки последици и отвори низа прашања за безбедноста, контролите и институционалната одговорност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден