29 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Голем број работници, службеници и граѓани излегоа вчера на масовен протест во Скопје, организиран од Сoјузот на синдикатите на Северна Македонија. Според организаторите, на протестот учествувале околу 15.000 луѓе, што го прави еден од најмасовните синдикални собири во последните години.
Протестите во земјата бележат континуиран пораст, особено по трагедијата во Кочани, влошената економска состојба и, како што велат демонстрантите, самоблокадата на европската интеграција на државата од Владата. Социјалното незадоволство сѐ почесто се прелева на улиците, а синдикалните организации најавуваат дека ова е само почеток.
Главното барање на протестот е зголемување на минималната плата на 600 евра, како и линеарно зголемување од 100 евра на сите плати. Под мотото „Протестираме за плата“, учесниците тргнаа во протестно шествие низ центарот на градот.
„Веќе нема да молиме, ќе се бориме. Од Работничкиот дом ќе одиме до Собранието, до работодавачите и до Владата. Нека нѐ пребројат – многу сме“, изјави на почетокот на маршот претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Пред зградата на Собранието, тој потсети дека повеќе од една година пратениците одбиваат да усвојат законски измени за зголемување на платите. „Ако не се зголеми минималната плата, ќе дојдеме по вашите плати. Ќе поднесеме закон за намалување на платите на функционерите и за зголемување на платите на работниците“, порача Трендафилов.
Пред Стопанската комора, синдикалистите истакнаа дека протестот е „само почеток“ и дека се подготвени да блокираат улици и институции, како и да соберат потребни 10.000 потписи за прогласување национален штрајк.
„Време е трудот да биде вреднуван. Бараме достоинствена плата, а не милостина. Подготвени сме за општ штрајк во приватниот сектор – за првпат во историјата на Македонија“, изјави Иван Пешевски од ССМ.
Слични пораки упати и Трпе Дејаноски, претседател на Синдикатот на работниците од администрацијата, судството и граѓанските здруженија, кој пред Владата порача дека „работниците ја имаат силата“ и дека протестот не е политички, туку социјален.
Синдикалните барања беа поддржани од опозициската СДСМ, додека од полицискиот синдикат соопштија дека го поддржуваат протестот, но остро се спротивставуваат на негово политизирање.
Од синдикатите, нагласуваат дека минималната синдикална потрошувачка кошница веќе е зголемена за околу 100 евра – износ што тие го бараат и како зголемување на платите.
Со оглед на растечкото незадоволство и најавите за радикализација на синдикалните активности, Северна Македонија влегува во период на засилен социјален и економски притисок, во кој улицата сѐ почесто станува главна сцена за изразување на граѓанскиот револт.
Кривична пријава против Марко Беслимовски за штета од над 14 милиони денари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

