02 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Додека граѓаните секојдневно плаќаат патарина, а државата се фали со рекордни приходи, состојбата на автопатиштата останува далеку од прифатлива. Во 2025 година, заклучно со 23 декември, од наплата на патарини се собрани над 67,6 милиони евра – највисок износ досега. Но прашањето што сè погласно се поставува е: каде завршуваат овие пари?
Според податоците на Јавно претпријатие за државни патишта, приходите од патарини континуирано растат од година во година и 2025 веќе ја надминала и рекордната 2024. Наместо овој финансиски успех да се одрази со подобра патна инфраструктура, возачите секојдневно се соочуваат со дупки, оштетен асфалт, нерамни коловози и недоволна сигнализација – дури и на најфреквентните автопатски делници.
Иронијата е уште поголема ако се земе предвид дека автопатите, за кои се наплатува патарина, треба да нудат повисок стандард на безбедност и удобност. Наместо тоа, многу возачи сведочат за оштетувања на возилата, зголемен ризик од сообраќајни незгоди и чувство дека плаќаат услуга која не ја добиваат.
Од ЈПДП во јавноста често зборуваат за модернизација, дигитализација и воведување на М-ТАГ уреди, со што, според нив, ќе се зголеми ефикасноста и ќе се подобри протокот на сообраќај. Но електронската наплата не може да ги прикрие реалните проблеми на терен. Брзото поминување низ наплатните станици нема никаква вредност ако по неколку километри возачот мора да внимава да не влезе во дупка.
Граѓаните со право очекуваат дел од рекордните милиони да завршат таму каде што најмногу се потребни – во редовно одржување, санација и навремена реконструкција на автопатиштата. Во спротивно, патарините сè повеќе ќе се доживуваат како чиста давачка, а не како инвестиција во подобар и побезбеден сообраќај.
Додека бројките на хартија растат, реалноста на асфалтот останува иста – со дупки што не можат да се закрпат со статистики и соопштенија.
Поднесено обвинение за злоупотреби и измами при јавни набавки во РЕК Битола
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

