12 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Жителите на Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода, Пинтија и Драчево синоќа повторно се најдоа во облаци од чад и мирис на изгорена пластика. Фотографии и податоци од апликации за мерење на загаденоста преплавија социјалните мрежи, при што индикаторите за штетни честички покажуваа високи нивоа.
„Дрисла секоја вечер… Пола планини изгореа, депониите горат, а скопјани се борат за воздух“, напиша една жителка на Скопје. Други коментираа дека институциите реагираат само со „гасење пожари со граници“ и побараа постојано ангажирање на армијата и полицијата за заштита на здравјето. „Нè гушат секој ден, а ние плаќаме за тоа. Најдете ги виновниците!“, стои во една објава.
Дополнителна вознемиреност предизвика фактот што чад се појави и од Дрисла, во време кога веќе денови гори депонијата Вардариште. „Малку беше Вардариште, па и Дрисла почна да гори! И тоа случајно?! Итно обезбедување на депониите со полиција и камери!“, апелираше една граѓанка, заканувајќи се дека доколку институциите не преземат мерки, самите жители ќе се организираат.
Некои споредби отидоа уште подалеку: „Чернобил, реактор 4 во 1986 – Скопје, депонија Дрисла 2025. Ист ефект, друга ера“, пишува во објава што брзо се прошири на интернет.
Додека граѓаните алармираат, премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека според мерењата нема алармантно зголемување на штетни честички. „Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите, не се така алармантни. Лошо е да се прави тоа, и има причина зошто се прави. Кому му одговара ова сега? Кога ќе дадете одговор на тоа прашање, ќе знаете кој и зошто го прави“, изјави премиерот.
Наместо смирување, изјавата предизвика уште поголема недоверба кај јавноста. „Ние не можеме да дишеме, а тие велат дека сè е во ред“, коментираат скопјани на социјалните мрежи.
И додека Владата повикува на смиреност, граѓаните се чувствуваат оставени сами да се борат за здив чист воздух. Чадот од депониите, горењето на отпадот и постојаната загриженост за сопственото здравје стануваат дел од секојдневието. Сцената што синоќа ја доби прекарот „Скопје – Чернобил“ уште еднаш ја покажа хроничната немоќ на институциите да се справат со еколошките кризи.
BULGARIA 2025: НАТО и Бугарија покажаа единство и сила во справувањето со кризи
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден