13 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Кандидатот за градоначалник на Скопје од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, Скендер Реџепи, во интервју за Радио Слободна Европа изрази силна увереност дека по претстојните локални избори ќе следуваат предвремени парламентарни избори.
Реџепи смета дека сите анкети покажуваат јасна тенденција – коалицијата на ДУИ ќе биде убедлив победник во сите општини со албанско мнозинство.
„Длабоко верувам дека по локалните избори ‘Националната алијанса за интеграција’ ќе победи во сите општини и државата ќе биде принудена да оди на нови парламентарни избори“, изјави тој.
Според него, актуелната власт не ја одразува вистинската волја на албанските граѓани во земјата, бидејќи тие се, како што вели, „претставени од малцинство претставници“.
Говорејќи за својата програма и приоритети како кандидат за градоначалник на Скопје, Реџепи нагласи дека еден од неговите клучни проекти би била ревитализацијата на левата страна од Вардар, која, според него, со децении е „дискриминирана на сметка на десната страна“.
„Сакам праведноста да биде дел од градот, за сите граѓани да се чувствуваат дека се праведно третирани од градската власт“, додаде Реџепи.
Тој ја обвини досегашната градска политика за долгогодишна дискриминација, велејќи дека „сите политики на Град Скопје во последните 34 години биле наклонети кон десната страна на Вардар“.
Како приоритет ги издвојува решавањето на сообраќајниот колапс во левиот дел од градот и развојот на културни и технолошки институции кои ќе ја изедначат инфраструктурната распределба меѓу двата дела на Скопје.
Во делот на екологијата, Реџепи најави дека еден од неговите први потези би бил затворање на дивата депонија Вардариште и трансформација на тој простор во еколошки парк.
„Вардариште скоро наликува на Чернобил – тивко ги труе граѓаните и го загадува воздухот. Нашата цел е да го затвориме и таму да изградиме парк“, истакна кандидатот на НАИ.
На прашањето кој кандидат би го поддржала коалицијата на ДУИ во евентуален втор круг, доколку тој не успее да влезе, Реџепи рече дека тоа ќе се разгледа внатре во коалицијата, но е убеден дека првпат еден Албанец може да стигне до вториот круг во трката за градоначалник на Скопје.
„Имаме солидна програма и капацитет да покажеме дека заслужуваме доверба од граѓаните“, додаде тој.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден