од Вардарски
Под мотото „Системот заборава, ние не!“, иницијативата „Кој е следен?“ денеска повторно го крева гласот. Протестот ќе започне во 18:00 часот пред Владата, по што ќе следи марш што ќе мине покрај Судскиот совет и Собранието, со крајна дестинација пред Кривичниот суд.
Ова е уште еден во низата јавни собири со кои граѓаните, предводени од иницијативата, јасно го искажуваат својот револт кон институционалната неефикасност, политичката незаинтересираност и системската неправда.
„Системот заборава – но, ние не. Ние ја паметиме секоја колективна траума што политичарите ја користат за поделби. Секоја лага што ја шират за да не исплашат, секоја неправда со која сакаат да не замолчат“, стои во најавата на протестот.
Од „Кој е следен?“ велат дека и покрај постојаните апели и масовни излегувања на улица, властите остануваат глуви на барањата на народот.
„Два месеца бараме промена – ништо не се менува. По четири протести, несреќите се зголемија. По три форуми, неправдата порасна. По одржаното Народно Собрание, пратениците станаа уште потивки“, порачаа од иницијативата.
Организаторите упатија отворен повик до сите граѓани – да не останат рамнодушни и да се приклучат на протестот, со цел да се изгради општество кое нема да заборава, нема да молчи и нема да се плаши.