15 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Жителите на скопската населба Трубарево се оставени сами да се справуваат со последиците од опасниот пожар што избувна во саботата, изјави кандидатката за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова. Таа предупреди дека институциите покажале целосно потфрлање во справувањето со еколошката катастрофа.
Според Шукова, граѓаните не добиле никакви информации за тоа какви токсини вдишувале и дали е безбедно да се движат надвор. Дополнителна конфузија предизвикува одлуката наставата за децата да се одвива онлајн, без јасно објаснување колкаво е реалното загадување на воздухот и каква закана тоа претставува по нивното здравје и безбедност.
„Наместо институциите на локално ниво да преземат брзи и ефикасни мерки, гледаме целосна неодговорност,“ изјави Шукова. Таа остро ја критикуваше власта на ВМРО-ДПМНЕ, и на локално и на централно ниво, за реакцијата која дошла дури по голем притисок од јавноста и медиумите.
Не било јасно кој носи одлуки – дали општината, Град Скопје или централната власт. Додека жителите се изнадишале токсичен чад, вечерта функционерите, според неа, само се појавиле за фотографирање.
Шукова го праша градоначалникот на Кисела Вода, Орце Георѓиевски, во кое својство бил присутен во Трубарево – како локален градоначалник или како претседател на ЗЕЛС. Таа нагласи дека јавноста не видела конкретна помош, туку само пи-ар настапи.
Град Скопје и Општина Гази Баба, според Шукова, имале прва и основна обврска да реагираат, но нивната пасивност покажала неспособност да се справат со кризни ситуации. Таа нагласи дека пожарите на депониите со отпад веќе не се проблем само на една општина, туку на целиот град.
„Повеќе не треба да се чека. Населението мора да се заштити. Јас имам подготвени краткорочни и долгорочни мерки за решавање на депониите и отпадот. Ова не е политика, туку неопходни чекори за Скопје да стане поздрава и побезбедна средина,“ порача Шукова.
Се проверува одговорноста за дозволата за складиште за отпад во Трубарево
Четворица повредени во пожарот во Трубарево – двајца на болничко лекување
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден