23 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Македонија е вознемирена по апсењето на 25-годишник од селото Драгоманце, кој е осомничен за серија убиства врз повозрасни жени. Истражните органи, според информации објавени од Телма, во моментов преиспитуваат најмалку пет сомнителни случаи – три од оваа година и два од минатата, а не се исклучува можноста бројот на жртви да биде и поголем.
Во селото Челопек, 86-годишната Росанка Трајковска сè уште ги носи траумите од нападот што едвај го преживеала. Таа живее со својот син Јовица и, како што раскажува семејството, само среќата ја спасила од сигурна смрт.
Настанот се случил на 9 февруари, кога нејзиниот син бил на работа. Напаѓачот влегол во нивниот дом и ја нападнал старицата. Според сведоштвото на синот, ненадеен тропот го исплашил насилникот, кој побегнал, оставајќи ја Росанка повредена и во крв. Иако поминале две недели, модринките на нејзините раце и понатаму сведочат за жестоката борба за живот.
Осомничениот во меѓувреме е приведен и се наоѓа во притвор, што донекаде внесе олеснување кај семејството.
Истрагата добила пресврт по смртта на 78-годишната Мира С. од селото Старо Нагоричене. Таа била пронајдена мртва во својот дом на 12-ти овој месец. Според првичните информации, живеела сама и била пензионерка која претходно работела во Австрија.
Телото било пронајдено во сомнителни околности, со индиции дека жената била физички нападната и задушена. Првично се појавиле и сомнежи за грабеж. Токму овој случај ги насочил истражителите кон 25-годишникот од соседното село, кој по приведувањето станал осомничен и за други слични случаи.
Според информации од истрагата до кои дошла Телма, сите потенцијално поврзани жртви биле повозрасни жени, пронајдени сами во своите домови. Иако во одредени случаи биле забележани невообичаени околности, не биле утврдени очигледни траги на насилство, поради што не била побарана обдукција.
Сега, по новите сознанија, истражните органи ги преиспитуваат овие случаи, а не се исклучува можноста да се откријат и други жртви од претходни години.
Случајот отвори сериозни прашања за безбедноста на повозрасните лица кои живеат сами во руралните средини. Локалното население е во страв, додека институциите најавуваат темелна истрага и расчистување на сите сомнежи.
Јавноста очекува брза и транспарентна разрешница, а истрагата продолжува со цел да се утврди целосната вистина за серијата сомнителни смртни случаи што ја потресоа земјата.
Романија се восхитува на Бугарија за новиот научен проект – за што станува збор?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

