15 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, порача дека Алијансата останува силно посветена на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, нагласувајќи дека политичкиот дијалог е клучниот инструмент за надминување на преостанатите регионални предизвици.
Во интервју за агенцијата Бета, дадено на маргините на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО во Брисел, Шекеринска истакна дека Алијансата континуирано ги охрабрува властите во регионот да се вклучат во конструктивен дијалог, да ги решаваат отворените прашања и да придонесуваат за долгорочен просперитет.
„Веруваме дека сите земји во регионот можат и сакаат да придонесат кон стабилноста. Очекуваме поддршка од сите во таа насока“, изјави таа.
Осврнувајќи се на неодамнешната одбранбена соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово, како и на најавените заеднички воени вежби, Шекеринска оцени дека Албанија и Хрватска се значајни фактори за регионалната стабилност.
Таа подвлече дека овие земји, како членки на НАТО, активно придонесуваат за мирот, вклучително и преку учество во мисијата КФОР во Косово. Воедно, појасни дека НАТО не бил вклучен во дискусиите околу декларацијата за одбранбена соработка што ја потпишаа Загреб, Тирана и Приштина, но нагласи дека членството во Алијансата не ги ограничува државите да склучуваат дополнителни билатерални договори.
Во контекст на реакцијата на српското Министерство за одбрана, кое предупреди на можни безбедносни последици, Шекеринска потенцираше дека зголемената воена активност во регионот е дел од пошироката глобална динамика.
Според неа, актуелната геополитичка ситуација довела до засилени инвестиции во одбраната ширум светот. Таа потсети дека на самитот на НАТО во Хаг минатата година, земјите-членки се обврзале до 2035 година да издвојуваат пет проценти од БДП за одбрана.
„Ова не е резултат на трка во вооружување, туку одговор на јасно идентификувани закани, вклучително и заканата од Русија и од тероризмот“, изјави Шекеринска, додавајќи дека целта е зајакнување на одвраќањето и одбраната, а не промовирање агресивна политика.
Таа подвлече дека без оглед на инвестициите во воени капацитети, од суштинско значење останува политичкиот дијалог.
„Нема воена опрема што може да помогне без вистински политички дијалог“, истакна заменичката генерална секретарка.
НАТО, како што нагласи Шекеринска, активно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и работи на создавање услови за одржливо политичко решение. Таа посочи дека Алијансата очекува одговорност за нападите врз припадниците на КФОР во Звечан и за настаните во Бањска во 2023 година.
Во таа насока, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оваа недела во Брисел изјави дека „одговорноста сè уште чека“ за случувањата во Косово и дека очекува српските власти да ги исполнат дадените ветувања.
Шекеринска нагласи дека Алијансата ќе продолжи да инсистира на конкретни резултати и правна одговорност, со цел да се спречат слични инциденти во иднина.
Таа потсети дека НАТО има неколку членки во регионот – Црна Гора, Албанија и Северна Македонија – како и партнери, меѓу кои и Србија. Според неа, Западен Балкан останува од стратешко значење за Алијансата.
„Глобалните околности се поопасни и понепредвидливи, но тоа не значи дека ја губиме од вид важноста на Западен Балкан“, заклучи Шекеринска.
Со јасна порака дека безбедноста, мирот и просперитетот се единствениот одржлив пат за регионот, таа повика на намалување на поделбената реторика и засилување на економската соработка и европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Еден од само 50 Maserati Grecale Tributo Il Bruciato е во сопственост на Бугарка
Бугарското собрание го ратификуваше Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

