Семејството на Фросина бара дисциплинска постапка за судијката Марковска поради неправедната пресуда за трагичната несреќа
Од Универзалната сала до Основниот кривичен суд во Скопје, семејството на трагично загинатата Фросина Кулакова организираше протест изразувајќи длабоко незадоволство од пресудата со која возачот Васил Ѓоргиев, кој ја прегази Фросина во јануари годинава, доби казна од 12 години затвор. Според семејството, ваквата казна е недоволна и неправедна со оглед на сите отежнителни околности.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, остро ја критикуваше судијката Снежана Марковска која ја донела пресудата, барајќи од Судскиот совет итно да покрене дисциплинска постапка и таа привремено да биде отстранета од работа.
– Бараме максимална затворска казна од 20 години без олеснителни околности. Возачот бил пијан, без возачка дозвола, и ја удрил нашата ќерка на пешачки премин на црвено светло. Не прифаќаме да се гледа само неговото жалење, а да се занемарат фактите и минатото – изјави Кулаков.
Семејството бара Судскиот совет да ја истражи професионалноста и непристрасноста на судијката, како и да објави јавно соопштение со одговори на неколку клучни прашања: Дали судот постапил во согласност со законот? Дали постоело надворешно влијание? Зошто не се земени предвид сите отежнителни околности?
Дополнително, Кулаков побара и законски измени – конкретно, воведување ново кривично дело: „тешко дело со крајна небрежност и смртна последица“ со минимална казна од 15 години. Тој предложи и создавање регистар на опасни сторители, на кои ќе им се забрани пристап до клучни сообраќајници.
На протестот присуствуваа и други семејства кои ги изгубиле своите блиски во слични трагедии. Билјана Радуловиќ, мајка на Алек Радуловиќ кој загина во 2021 година, го сподели своето разочарување од повеќегодишниот судски процес, кој сѐ уште не донел правдина за нејзиното семејство.
– Се бориме три години, а вештачењата се корумпирани. Обвинетата не покажа никакво жалење. Утре имаме ново рочиште и се надеваме дека конечно ќе се појават чесни експерти – рече Радуловиќ.
Сестрата на Теодора Ристовска од Тетово, пак, го постави прашањето за одговорноста на јавната обвинителка која предложила ублажување на казната за сторителот на несреќата што ја однела Теодора.
– Две и пол години човекот не влегол во затвор, а ние две и пол години ја немаме сестра ми. Зошто никој не ја испита обвинителката? – праша сестрата на Теодора.
Протестот заврши со апел до институциите за поголема отчетност, транспарентност и правична правда за жртвите на сообраќајни несреќи предизвикани од екстремна небрежност.