03 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во подкастот Коридор 8, новинарот Насер Селмани изнесе јасна и недвосмислена позиција за улогата на меѓународниот фактор, особено на Соединетите Американски Држави, во создавањето и опстанокот на македонската државност.
Селмани нагласи дека без поддршката на САД, Македонија „никогаш немаше да стане држава“. Според него, тоа е факт кој го знае и домашниот политички естаблишмент, без оглед на внатрешните политички напори и залагања што постоеле низ годините. „Ма колку и да се обидувал некој тука внатре, без нивната поддршка оваа земја немаше да стане држава“, истакна тој.
Во разговорот, Селмани се осврна и на актуелните политички дебати поврзани со Договорот што ја дефинира стабилноста на државата, оценувајќи дека „таа приказна треба да се затвори“. Според него, станува збор за мировен договор кој е поддржан од странскиот фактор — токму од оние меѓународни актери кои помогнале Северна Македонија да се конституира како држава.
Тој беше особено критичен кон, како што ја нарече, „глупава политика“ на дел од домашните актери кои, и покрај меѓународните реалности, се обидуваат да водат поинаков курс. „Веќе сме ние прочитани“, рече Селмани, алудирајќи дека меѓународната заедница јасно ги препознава политичките ориентации и влијанија во земјата.
Како илустрација, тој сподели лично искуство од средба со странски емисари, меѓу кои и специјален пратеник на голема држава, каде што, како што рече, отворено било кажано дека одредени политики во Македонија се перципираат како српски и руски. „Веќе не ни кажуваат заобиколно, туку директно дека оваа политика не врви“, нагласи Селмани.
Изјавите на новинарот отвораат сериозна дебата за геополитичката позиција на Северна Македонија, улогата на меѓународните сојузници и границите на домашната политичка автономија во контекст на глобалните односи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

