31 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, на прес-конференција упати остри критики кон Владата и премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека се прават обиди за девијација на трасата на Коридор 8 со политички и геостратешки мотиви.
Села истакна дека Владата настојува да го пренасочи Коридорот 8, со што, според него, се нарушува неговата првична цел – поврзување на Јадранското со Црното Море.
„Владата прави напори да го девијира Коридорот 8, со тенденција да го попречи неговото реализирање и да ја смени неговата идеја, насочувајќи го кон веќе постоечките делници поврзани со Коридор 10 и линијата Србија–Грција“, изјави Села.
Тој додаде дека ваквата ориентација е спротивна на геополитичките интереси на НАТО, чија членка е Северна Македонија.
Според Села, образложението на премиерот дека делницата Струга–Ќафасан нема да се реализира поради заштитата на Охридскиот регион од страна на УНЕСКО е „неосновано и банално“.
„Ако зборуваме за УНЕСКО, треба да зборуваме за илјадници дивоградби околу Охридското Езеро, а не за инфраструктурни проекти. Трасата од Требеништа до Ќафасан во најголем дел е оддалечена најмалку еден километар од езерото“, нагласи тој.
Села посочи дека во изминатите две децении инфраструктурниот развој бил концентриран во источниот дел на земјата, додека западниот регион останал запоставен.
Тој наведе дека се изградени десетици километри автопати на исток, како делницата Миладиновци–Штип, додека проектите во западна Македонија останале само ветувања.
Во своето обраќање, Села оцени дека актуелните политики се продолжение на претходните владини практики, алудирајќи на времето на Никола Груевски.
„Ова е истата логика што беше применета и порано – девијација на клучни инфраструктурни проекти. Денес гледаме континуитет на таа политика“, изјави Села.
Села порача дека Коридорот 8 е од клучно значење за економскиот и геостратешкиот развој на земјата и регионот, и повика на транспарентност и доследност во неговата реализација, без политички влијанија и девијации од неговата основна цел.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

