19 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, јавно потврди дека актуелниот косовски премиер Албин Курти се мешал во внатрешните политички процеси на Република Северна Македонија. Според изјавата на Села дадена за телевизијата Tevë1, Курти на средба одржана на 4 јануари 2024 година предложил Арбен Таравар да биде претседателски кандидат.
Села изјави дека не му би било проблем лично да се кандидира, но нагласи дека во тој момент објаснил зошто смета дека Албанците не треба да имаат свој кандидат за претседател.
„На последната средба што ја имав со г-динот Курти, тој ми ја изнесе тезата дека е логично Арбен Таравар да биде претседателски кандидат. Немам ништо против тоа лично, но прашањето е – дали навистина треба да имаме Албанец кандидат?“, изјави Села.
Тој потсети дека истиот Курти, кој сега предлага кандидат, пред пет години јавно се залагал гласовите на Албанците да одат кај Албанците, но – како што вели – „во сосема поинакви околности“.
Оваа изјава отвора низа прашања за влијанието на Косово во политичките процеси на Северна Македонија и за можниот притисок врз одлуките на албанските партии во земјата. Иако регионалната соработка и поддршка се важни, ваквите потези лесно можат да се интерпретираат како мешање во суверените одлуки на една држава, предупредуваат политички аналитичари.
Костова: Народот тоне во сиромаштија, ВМРО-ДПМНЕ со очајни економски резултати