СДСМ: Зошто Мицкоски одбива да каже дека нема да се примаат мигранти?
СДСМ денеска соопшти дека јавноста сè уште нема добиено конкретни информации за содржината на договорот вреден 6 милијарди евра што Владата на Република Македонија го потпиша со Обединетото Кралство. Наместо транспарентност, досега се понудени само флоскули и фотографии, додека клучните прашања остануваат неодговорени.
Особено загрижува, велат од СДСМ, избегнувањето на премиерот Христијан Мицкоски да даде јасен одговор дали договорот содржи компоненти поврзани со миграцијата и евентуално прифаќање мигранти во Македонија. Оваа дилема се отвори по неодамнешното интервју на Мицкоски за британската телевизија Sky News, кое, според СДСМ, не било претходно најавено ниту транспарентно објавено од Владата.
„Дали кредитот од 6 милијарди евра е навистина само за инфраструктура, или зад договорот се крие нешто повеќе?“ – прашуваат од СДСМ, укажувајќи на тоа дека британски медиуми и политички извори јавно зборуваат за можно воспоставување безбедносни аранжмани, вклучително и мигрантски кампови на Балканот.
СДСМ директно ја прашува Владата:
- Дали постои ветување или договор за прием на мигранти?
- Дали Македонија може во иднина да стане зона за сместување мигранти?
- Зошто Мицкоски не дава експлицитен одговор дали тоа нема да се случи?
„Македонија и граѓаните имаат право да знаат што точно се разговарало, дали има скриени клаузули и дали иднината на државата се продава зад затворени врати,“ се наведува во соопштението.
СДСМ додава дека тие не водат сензационалистичка политика, туку поставуваат суштински и конкретни прашања во интерес на јавноста. Партијата бара од Владата итно и јавно да излезе со официјално објаснување и целосна содржина од договорот.
„Ако Владата нема што да крие – нека одговори отворено, јавно и транспарентно“, заклучуваат од СДСМ.