18 август 2025
• од Станча Јаќимовски
СДСМ обвинува дека милионски злоупотреби со европската програма „Еразмус+“ директно водат до ВМРО-ДПМНЕ и повикува на итна кривична истрага за сите инволвирани лица.
Според партијата, Владата на Мицкоски назначила за в.д. директор на Националната агенција за европски образовни програми лице кое е под активна истрага на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами. СДСМ оценува дека тоа е скандал што целосно ја урива довербата во институциите и дека ВМРО-ДПМНЕ, наместо да бара одговорност, се обидува да ја заташка вистината.
Од 2014 до 2017 година, кога Ана Михајлов (тогаш Митровска) била одговорно лице за евалуаторите во Агенцијата, заедно со својата кумашинка Дорина Ѓорчева Митровска биле доделени над 8 милиони евра европски пари. СДСМ прашува дали тие средства биле законски распределени или пак се дел од проневера.
Особено внимание се посочува на Бошко Нелкоски – првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка. Според партијата, потребно е да се утврди дали тој е споменат во извештајот на ОЛАФ како иницијатор на организирана проневера и незаконско доделување на европски средства.
СДСМ поставува и прашања за поврзаноста на агенцијата со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“ – дали тие се дел од мрежата на сомнителни тендери и злоупотреби идентификувани од ОЛАФ.
„Во чии џебови завршија 8 милиони евра европски пари?“ – прашува СДСМ, додавајќи дека станува збор за партиска шема на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата бара итна и целосна кривична истрага за сите инволвирани и потенцира дека европските пари мора да се користат законски и транспарентно, а не за партиски злоупотреби.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден