СДСМ со жестока реакција: Судството сè уште контролирано од „тефтерчињата“ на ВМРО-ДПМНЕ
Со остра реакција излегоа од СДСМ по прес-конференцијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, обвинувајќи го него и неговата партија дека не направиле ништо за реформите во правосудството и дека токму нивни кадри и натаму го контролираат судскиот систем.
„Бране Петрушевски, кој не знае ништо друго освен да држи прес-конференции и да глуми опозиција, треба да знае дека сите судии кои денес се дел од судскиот систем се од ‘тефтерчињата’ на неговите партиски поранешни функционери“, велат од СДСМ.
Според нив, ВМРО-ДПМНЕ е партијата што ги вовела измените во казнената политика, со кои се намалени казните, алудирајќи на закон инициран од поранешниот министер за правда Михајло Маневски. „Затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да молчи и да не глуми загрижена опозициска партија“, додаваат од партијата.
Од СДСМ нагласуваат дека во речиси една година власт, ВМРО-ДПМНЕ не спровела ниту една реформа во судството. Како единствени „резултати“ ги посочуваат изборот на сопругата на градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Судскиот совет, како и изборот на роднина на коалицискиот партнер Изет Меџити за судија.
„Цела година Бране Петрушевски само држи партиски прес-конференции, се заканува од говорница, а неговата Влада нема реализирано ништо по ова прашање“, стои во соопштението.
СДСМ побара од Петрушевски да одговори како обвинителот, кој порано бил таргет на обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ, сега одеднаш станал прифатлив. Партијата го потсети и лидерот Христијан Мицкоски на неговите изјави за распуштање на судските институции, што подоцна не се реализираа.
„Нека одговори конкретно на овие важни прашања и нека сфати дека се на власт и дека пред себе имаат јасна агенда за реформи – која не ја спроведуваат“, порачуваат од СДСМ.
Оваа најава доаѓа во време на сè поголем притисок врз владејачката коалиција да покаже конкретни резултати во борбата за независно и ефикасно правосудство.