СДСМ со жестока критика до ВМРО-ДПМНЕ за состојбата во културата во Северна Македониjа
На денешната прес-конференција, претседателот на Комисијата за култура на СДСМ, Мирче Најдоски, остро ја критикуваше културната политика на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека по една година власт, оваа партија не испорачала ниту една од ветените реформи во културниот сектор.
Во своето обраќање, Најдоски обвини дека институциите од областа на културата се оставени без визија, без поддршка и без дијалог. Според него, ВМРО-ДПМНЕ ветувала враќање на националната култура и реформи, но реалноста покажала, како што рече, "игноранција и политизација".
Особено загрижувачки, според СДСМ, е што актуелната власт тивко подготвува модел за приватизација и комерцијализација на културното наследство, преку т.н. „јавни приватни партнерства“. Таквиот пристап, велат од СДСМ, не значи заштита на културното богатство, туку негова експлоатација.
Најдоски посочи и на состојбата во театрите и музеите, кои се соочуваат со кратења на буџетите и недостиг од програми. Креативната младина, истакна тој, останува без поддршка, принудена сама да се снаоѓа. Конкурсите се оценети како нетранспарентни, а одлуките – сомнителни и партиски мотивирани.
Една од најострите критики се однесуваше на доделувањето на нови надлежности на Министерството за култура, кое сега го вклучува и туризмот. Од СДСМ велат дека наместо нови можности за уметниците, ова резултирало само со патувања и „културна дипломатија сведена на селфиња“.
Според Најдоски, во првата година на владеење на ВМРО-ДПМНЕ не била започната ниту една суштинска реформа – нема нови модели на финансирање, нема дигитализација, нема поддршка за слободни уметници, а инклузијата во културата, како што рече, останува само “фраза на хартија”.
Иако СДСМ не понуди конкретен план во оваа изјава, опозициската партија се претставува како контрапункт на, како што ја опишуваат, “стиропорната естетика” на ВМРО-ДПМНЕ. Тие нагласуваат дека во нивниот мандат институциите функционирале континуирано, колективните договори биле почитувани, а платите исплатувани навремено.
Иако не е првпат културата да биде политички бојно поле меѓу двете најголеми партии, јавноста сè повеќе бара конкретни резултати и реформи наместо меѓусебни обвинувања. Останува да се види дали критиките ќе резултираат со реална дебата и подобрување во секторот што долго време се соочува со структурни предизвици.