19 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на Резолуцијата за мигрантите, усвоена во Собранието по предлог на ДПМНЕ-ЗНАМ. Од партијата бараат Уставниот суд да ја поништи, оценувајќи дека станува збор за неуставен акт кој директно ја загрозува слободата на говор и политичкото дејствување.
Како што соопшти генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, иницијативата е поднесена поради повреда на членот 16 од Уставот, кој ги гарантира слободата на говорот, слободата на јавниот настап, слободата на уверувањето и јавното изразување, како и забраната на цензура во која било форма.
„Кога уставниот поредок и основните човекови права се загрозени, потребна е заедничка акција. Денеска СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд против неуставната Резолуција усвоена во Собранието. Станува збор за директно кршење на членот 16 од Уставот, кој недвосмислено ја гарантира слободата на говор и забранува цензура“, изјави Димитријевиќ.
Тој нагласи дека спорната Резолуција претставува, како што рече, директен напад врз слободата на говор и слободата на политичко дејствување на опозицијата, преку воведување механизми на цензура.
Според Димитријевиќ, Резолуцијата се однесува на тема од исклучителен јавен интерес – договорот со Велика Британија, за кој јавноста, како што посочи, првично дознала преку британските медиуми, а кој е поврзан и со заем од 6 милијарди евра.
„Оваа тема не може и не смее да се третира како создавање паника или како закана за јавната стабилност. Недозволиво е Резолуција во Собранието да биде насочена против ‘наративот на опозицијата’ и да се заканува со повикување на Кривичниот законик, прекршоци и кривични пријави поради искажан збор“, истакна тој.
Од СДСМ повторија дека очекуваат Уставниот суд да постапи во заштита на Уставот и основните слободи и права на граѓаните, оценувајќи дека секој обид за ограничување на слободата на говор претставува сериозен удар врз демократските вредности и парламентарниот плурализам во државата.
Бујар Дардишта уапсен при обид за бегство на граничниот премин Долно Блаце
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

