СДСМ: Нов скандал во Куманово: Станбени шеми поврзани со градоначалникот Димитриевски и неговиот кум
На денешната прес-конференција, советничката во Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска, во име на СДСМ изнесе сериозни обвинувања за нов скандал поврзан со градоначалникот Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски. Според наводите, станува збор за сомнителна трансакција со станови во Куманово, вредни околу 140.000 евра.
Според деталите изнесени од СДСМ, целата шема започнува уште во 2010 година, кога Димитриевски, тогаш уште без јавна функција, купува земјиште од 10.000 квадратни метри по симболична цена од едно евро по квадрат – вкупно 10.000 евра. Подоцна, кога станува градоначалник, токму ова земјиште станува клучен дел од, како што се вели, сомнителната шема.
Компанијата „Евгенија план ДОО увоз-извоз Куманово“ добива дозвола за градба на оваа парцела, но не успева да добие технички прием подолг период. Пресврт се случува дури откако кумот на Димитриевски во август 2022 година купува два стана во зградата – секој по 97 квадратни метри. По оваа трансакција, зградата добива технички прием.
Само неколку месеци подоцна, еден од становите, формално купен од кумот, се префрла на Димитриевски преку размена на недвижност – но за нереално ниска цена од само 2.500 евра. Во замена, Димитриевски дава една четвртина од ливадата купена во 2010 година.
„Како е можно стан вреден околу 70.000 евра да се стекне за само 2.500 евра? Дали ова е перење пари? Дали техничкиот прием на зградата е условен со оваа шема?“, праша Мургашанска, повикувајќи на итна истрага од надлежните институции.
СДСМ посочува дека ваквите случувања фрлаат сериозни сомнежи за можно коруптивно дејствување, судир на интереси и злоупотреба на функцијата на градоначалникот за личен профит.
„Јасно е дека Максим Димитриевски не раководи во интерес на Куманово, туку во интерес на својот фамилијарен круг. Куманово не е негова семејна компанија“, порачаа од СДСМ.
Партијата бара одговорност, транспарентност и итна реакција од институциите за расчистување на целиот случај.