СДСМ: Наместо експерт, се предлага партиски пулен – нема поддршка за Трајко Славевски како гувернер на НБ
Пратеничката група на СДСМ и коалицијата нема да го поддржи предлогот Трајко Славевски да биде именуван за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. Ова го соопшти координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, како одговор на новинарско прашање.
„Изборот е исклучиво теснопартиски. Не се нуди експерт, туку кандидат којшто доаѓа директно од партиските редови на ВМРО-ДПМНЕ,“ рече Спасовски. Тој истакна дека номинацијата на Славевски, кој до неодамна беше претседател на Советот на Град Скопје, е спротивна на досегашната практика каде на оваа позиција се назначуваа професионалци со неспорен кредибилитет и економско знаење.
Како дополнителни аргументи против кандидатурата, Спасовски го посочи противењето на Славевски на зголемувањето на минималната плата и на економски политики од кои, како што рече, профитираат граѓаните. „Се сеќаваме дека тој тврдеше оти 9.000 денари се превисока минимална плата. Со вакви ставови, не може да се очекува дека ќе придонесе позитивно ниту за економскиот систем, ниту за државата,“ додаде тој.
Спасовски потсети и на четиригодишниот мандат на Славевски како претседател на Советот на Град Скопје, за кој рече дека бил обележан со блокади и политички конфликти наместо со конструктивна работа. „Наместо соработка за подобрување на животот на граѓаните, сведоци бевме на внатрепартиски судири меѓу градоначалничката и мнозинството што самите го формираа,“ рече тој.
СДСМ, според Спасовски, останува на ставот дека Народната банка мора да се води од стручни и непартиски личности кои ќе уживаат доверба кај сите институции и јавноста.