СДСМ: Илјадници вработени останаа без плата за Велигден, Владата мува не ја лази
Илјадници вработени во државниот сектор останаа без плата за Велигден, обвинува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), додавајќи дека Владата на Христијан Мицкоски не покажува никаква грижа за граѓаните и не ги исполнува ниту најосновните обврски.
Во соопштението до јавноста, СДСМ посочува дека вработените во институции како што се културните установи, инспекциските служби, социјалната заштита и економските сектори, останале без примања токму во период кога традиционално платите се исплаќале пред големи празници.
„Наместо достоинствено одбележување на празникот, илјадници семејства се оставени без приходи и со празни трпези поради неспособноста на Владата“, стои во соопштението.
СДСМ предупредува дека ова не е изолиран инцидент, туку показател за „системски хаос и целосна незаинтересираност“. Според нив, Владата грубо го прекршува законот, според кој платите мора да се исплатат најдоцна до 15-ти во месецот.
„За Владата на Мицкоски не важат ниту законите, ниту обврските. Важен им е само пи-арот, мангото и папајата. Работниците се оставени на маргините, а ова доцнење е уште еден доказ за понижувачкиот однос кон нив“, велат од СДСМ.
Партијата бара итна исплата на платите, отчетност од одговорните и јавно објаснување зошто доцнат исплатите.
„Платата не е подарок, туку право. Секој ден доцнење значи дополнителен притисок врз семејните буџети и води до несигурност кај граѓаните“, порачуваат од СДСМ, нагласувајќи дека ваквиот однос е јасен показател дека Владата не функционира.