15 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ЗНАМ јавно го признале постоењето на договор за прифаќање мигранти во замена за финансиски средства, оценувајќи го тоа како директно предавство на државните интереси.
Од СДСМ велат дека по повеќедневни предупредувања и укажувања за т.н. договор „мигранти за пари“, денеска конечно стигнало и формално признание од страна на ДПМНЕ, и тоа преку контра-резолуција која партијата најавува дека ќе ја поднесе на верификација во Собранието.
Според СДСМ, во предложената резолуција на ДПМНЕ нема експлицитна и јасна одредба која забранува носење мигранти од Велика Британија во Македонија во замена за пари. Наместо тоа, како што наведуваат, се користи „игра на зборови“ и обид за поинакво дефинирање на мигрантите.
Во текстот на резолуцијата, ДПМНЕ наведува дека се воспоставува „јасна државна политика против нелегалната миграција“, што според СДСМ е намерно манипулативно.
„Не постојат легални и нелегални мигранти. Постојат само мигранти“, порачуваат од СДСМ.
СДСМ потенцира дека мигрантите се луѓе кои ги напуштаат своите домови поради војни и конфликти и дека не може да се зборува за нивен „легален“ или „нелегален“ статус во такви околности. Партијата прави паралела со бегалците од поранешна Југославија за време на граѓанските војни, кои тогаш биле нарекувани „избегани и раселени лица“.
„Да се биде бегалец или мигрант е суштински исто – само со различно име“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ свесно се обидува да ја избегне суштината на проблемот преку терминолошки манипулации. Како пример ја наведуваат изјавата на лидерот на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поврзана со „нелегални мигранти“, како и настапот на пратеникот Антонио Милошоски, кој говорел за „економски работници“.
Според СДСМ, овие различни дефиниции имаат една цел – да се сокрие вистината за договорот „мигранти за пари“, кој, како што тврдат, предвидува доаѓање на мигранти во Македонија веќе во јуни.
СДСМ оценува дека со поднесувањето на резолуцијата, ДПМНЕ првпат официјално и писмено го потврдува она на што СДСМ подолго време предупредува.
„Денеска нивното признание го имаме и на хартија – потпишано. Наскоро ќе биде доставено во Собранието и ќе биде потпишано и со гласовите на нивните пратеници“, порачуваат од партијата.
На крајот од соопштението, СДСМ упатува директен повик до граѓаните, прашувајќи дали ќе дозволат пасивно да се спроведе ваков договор или ќе се спротивстават.
„Борбата започна и нема да престане. Сите ќе одговарате“, порачуваат од СДСМ, истакнувајќи дека, според нив, вистината секогаш победува.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

