СДСМ: Доста беа хаос и експерименти – време е за одговорна политика по ударот од американските царини
По серијата контрадикторни и збунувачки изјави од страна на Владата во врска со воведувањето на високи царини од САД, СДСМ остро реагира, оценувајќи го однесувањето на владејачките структури како крајно несериозно и штетно за државата.
На новинарско прашање, потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, посочи дека граѓаните и бизнисите заслужуваат јасност и стабилност, а не постојани промени во ставовите на Владата. „Прво слушнавме дека царините се ‘очекувани’, потоа дека ‘немаат ефект’, а сега премиерот признава дека биле грешка. Ова не е само збунетост – ова е длабока неодговорност со директни последици врз економијата и државата“, изјави Костова.
Според СДСМ, воведувањето на американските царини до 33% за македонски производи — меѓу највисоките во Европа — претставува тежок удар по меѓународниот углед на земјата и сериозен дипломатски неуспех. Помпезните изјави дека Македонија е „во оптиката“ на новата американска администрација, како што истакнува партијата, сега звучат празно и нереално.
„Најтревожен е фактот што Владата очигледно нема план, нема проценка и нема стратегија. Државата се води без јасна насока“, предупреди Костова.
СДСМ бара итна и суштинска дипломатска иницијатива – преговори со американската страна со цел надминување на ситуацијата и заштита на македонската економија.
„Доста беа владини експерименти. Потребни се одговорност, сериозен пристап и вистинска грижа за националниот интерес“, порача Костова во соопштението до јавноста.