СДСМ: Димитриевски мора да одговара за скандалот – враќањето на членовите на ЗНАМ е веќе во тек
СДСМ реагираше остро на најновите информации поврзани со лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, порачувајќи дека тој мора да понесе одговорност за големиот корупциски скандал што го потресе македонскиот политички простор.
„Големиот корупциски скандал ја разоткри вистината – Максим Димитриевски ја злоупотреби партијата ЗНАМ како средство за свои бизнис зделки“, стои во соопштението на СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека истиот тој Димитриевски кој гласно обвинуваше за криминал, сега е фатен како соработува со истите структури против кои се бореше, вклучително и со ДУИ – партија што ја нарекуваше најголем проблем.
„ЗНАМ никогаш не беше искрена и автентична политичка понуда. Таа постоеше единствено за да му служи на ВМРО-ДПМНЕ и за остварување на личните и бизнис интереси на Димитриевски“, додаваат од СДСМ.
Од таму велат дека разочарани членови на ЗНАМ веќе почнале да се враќаат назад во редовите на СДСМ, што го потврдува нивното чувство на изневереност и манипулираност.
„Место да фрла празни обвинувања кон СДСМ, Максим Димитриевски треба да се соочи со институциите на системот – истражните и судските органи – и да одговара за своите постапки.“
СДСМ заклучува дека вистинскиот прогрес и напредок во македонската политика ќе дојде само кога ќе се искоренат „полуписмени и криминализирани поединци кои политиката ја користат само за личен ќар, па дури и за кражба на еден пар чизми.“