02 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Опозициската СДСМ бара итни одговори од Владата откако беше објавена информацијата дека петте тони марихуана, запленети во Србија на 29 јануари, биле набавени на територијата на Северна Македонија. Од партијата оценуваат дека станува збор за сериозен меѓународен криминален скандал и предупредуваат дека без институционална поддршка ваков транспорт е невозможен.
Според информациите објавени во српските медиуми, огромната количина дрога била запленета во регионот на селото Коњух, во близина на Крушевац, а Вишиот суд во Белград им одредил притвор на три лица. Осомничените се товарат за неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги, но за време на сослушувањето го искористиле законското право да молчат.
Особено загрижувачки, како што наведуваат српските истражни органи, е фактот што организираната криминална група дејствувала на меѓународно ниво и во јануари годинава набавила повеќе од пет тони марихуана токму во Северна Македонија. Дополнителна тежина на случајот му дава информацијата дека еден од осомничените, со иницијали И.Д., е косопственик на компанијата „Алфафарм“, регистрирана во Скопскиот Регион, која има дозвола за производство и преработка на медицински канабис.
Од СДСМ јавно поставија низа прашања, нагласувајќи дека Владата сè уште молчи за случајот.
„Како пет тони дрога поминале преку македонската граница и завршиле во Србија? Кој дозволил ваква количина наркотик да се транспортира без да биде забележана? Без поддршка од структури во власта и институциите, ова е невозможно“, прашуваат од опозициската партија.
Од таму додаваат дека со денови алармирале за поврзаност меѓу криминални структури во Македонија и во Србија и потсетуваат дека јавноста сè уште нема одговор за други случаи поврзани со високи функционери и лица од подземјето.
„Во регионот се отвораат сериозни истраги, се цитираат комуникации од криптирани апликации, а меѓународната заедница го засилува притисокот за борба против корупцијата и организираниот криминал. За ваков картелски скандал мора да има одговорност. Работата не е завршена“, порачаа од СДСМ.
Од Владата засега нема официјална реакција на обвинувањата, додека јавноста очекува институционална истрага за евентуална вмешаност на домашни структури во еден од најголемите случаи на шверц на дрога во регионот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

