СДСМ Аеродром: Каде заглави реконструкцијата на тротоарите на Владимир Комаров?
Општинската организација на СДСМ во Аеродром денеска упати јавно прашање до в.д. градоначалникот Дејан Митески, барајќи одговори за застојот во реконструкцијата на тротоарите на улицата Владимир Комаров во Стар Аеродром.
Од СДСМ посочуваат дека реконструкцијата на тротоарите на половина од оваа фреквентна улица трае веќе повеќе од еден месец, иако должината на зафатот е само 450 метри – од булевар Јане Сандански до булевар Васко Карангелевски. Според договорот со изведувачот, за оваа реконструкција се предвидени 6,8 милиони денари и рок за реализација од 12 месеци.
Сепак, партијата предупредува дека начинот на изведба сериозно ја загрозува безбедноста на пешаците. „Истовремено се работи на двете страни од улицата, без соодветна сигнализација за ограничување на движењето“, стои во нивното соопштение. Дополнително, на повеќе места е оштетен и самиот коловоз, што уште повеќе ја влошува безбедносната состојба.
СДСМ прашува зошто се реконструира само половина од улицата, кога другата половина – од булевар Јане Сандански до Железничка станица – останува недопрена. Тие потсетуваат и дека пред четири години била ветена и велосипедска патека на овој потег, но дека тоа ветување воопшто не се реализирало.
„Нели е срамота тротоари од 450 метри да се реконструираат повеќе од месец дена? За споредба, во време на СДСМ, за само две недели завршивме реконструкција на четири коловозни ленти на булевар Димитрија Чуповски“, наведуваат од СДСМ, предупредувајќи дека трпението на жителите на Аеродром е при крај.
Партијата бара Митески и ВМРО-ДПМНЕ да ја преземат одговорноста за, како што велат, четиригодишното запоставување и пустошење на општината, кое, според нив, мора конечно да заврши.