СДСМ ја критикува владината мерка за објавување на цени: „Ем бесмислена, ем нефункционална“
Со жестока реакција, опозициската партија СДСМ ја осуди најновата владина мерка според која маркетите се обврзани да ги објавуваат цените на своите производи на веб-страниците. Од партијата ја нарекоа оваа одлука „ем бесмислена, ем нефункционална“, нагласувајќи дека и покрај критиките уште од нејзиното најавување, Владата останала глува на предупредувањата.
Според СДСМ, целата постапка се покажала како целосно нефункционална во пракса. Граѓаните, велат од таму, мора да потрошат повеќе од еден час само за да ја споредат цената на еден производ во различни маркети. А ако сакаат да направат комплетна споредба на сите производи што редовно ги купуваат, тоа би значело дека ќе треба да земат ден одмор од работа.
„Оваа мерка не само што не носи никакво олеснување за граѓаните, туку дополнително ја комплицира секојдневната борба со високите цени“, стои во соопштението на СДСМ. Партијата потсетува дека уште на самиот почеток предупредувала дека ваквата мерка нема да даде никакви резултати во борбата против растот на цените.
СДСМ обвинува дека Владата, наместо да ги прифати нивните предлози за конкретни чекори кои би довеле до реално намалување на цените на основните прехранбени производи, одбрала да им „замачкува очи“ на граѓаните со неефикасни и формални мерки.
„Месеци подоцна, резултатот е јасен – имаме алатка што никој не ја користи, и цени кои се вивнати во небо“, додава партијата, обвинувајќи ја Владата за лоши економски политики и работење во интерес на трговците.
Според нивните тврдења, како последица на овие политики, граѓаните биле оштетени за десетици милиони евра – што, според СДСМ, претставува директен државен грабеж.
Партијата повторно апелира Владата да ги слушне граѓаните и да прифати реални решенија кои ќе донесат олеснување во семејните буџети.