10 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во подкастот Почетна пресметка, јавниот коментатор Саше Ивановски, познат како Саше Политико, изнесе ставови кои отвораат поширока дебата за медиумското влијание и перцепциите што македонската јавност ги има кон Бугарија.
Ивановски истакна дека во последно време особено му се допаѓаат јавните настапи и размислувањата на Љубчо Георгиевски, нагласувајќи дека станува збор за „многу мудар човек“ кој јасно ја отвора темата за отсуството на бугарско медиумско присуство во Македонија.
Според Ивановски, едно од клучните прашања што со години останало без одговор е зошто Бугарија досега не инвестирала во создавање силен, влијателен медиум во Македонија. Тој посочува дека македонскиот медиумски простор долго време бил исполнет со пробелградски телевизии и наративи, додека, од друга страна, целосно отсуствувал „про-софиски“ медиум што би понудил алтернативен поглед и контра-наратив.
„Ако имаме пробелградски телевизии, зошто немаме голема, моќна про-софиска телевизија што ќе се бори со контра-наратив?“, прашува Ивановски, потенцирајќи дека ваквиот дисбаланс оставил „бришан простор“ во јавната сфера.
Според него, токму тој празен простор придонел за создавање и одржување негативни ставови кон Бугарија кај дел од македонската јавност. Ивановски смета дека антагонизмот не се појавил спонтано, туку бил резултат на долготрајно медиумско и културно влијание, пред сè од Белград.
Тој се осврна и на распространетите вицеви и стереотипи на сметка на Бугарија, кои, како што вели, со години биле прифатани без критичка дистанца. „Па така ни научија од Белград“, истакна Ивановски, алудирајќи на начинот на кој се формирале тие перцепции.
Како контраст на тие наративи, Ивановски го сподели своето лично искуство од честите патувања во Бугарија. Според него, реалната слика за земјата значително се разликува од онаа што многу Македонци ја имаат.
„Каква прекрасна земја е Бугарија“, вели тој, додавајќи дека голем дел од македонските граѓани „немаат поим“ како таа навистина изгледа и функционира денес.
Со оваа изјава, Саше Политико ја отвора темата за одговорноста на медиумите, но и на државните политики, во обликувањето на јавното мислење и меѓусоседските односи – прашање што останува актуелно и чувствително во македонското општество.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

