Само во С. Македонија: Камен-темелник на автопат по вторпат — чија лопата го отвора истиот пат?
Во Македонија политиката често се меша со инфраструктурата, а автопатот Тетово – Гостивар стана вистински симбол за тоа. Иако проектот веќе беше формално отпочнат пред две години, на 3 мај 2025 година премиерот Христијан Мицкоски свечено постави нов камен-темелник — за истата делница.
На 4 април 2023 година, тогашниот премиер Димитар Ковачевски го означи почетокот на изградбата на оваа важна патна врска, дел од европскиот Коридор 8. „Овој камен-темелник е почеток на нови инвестиции, отворање на нови пазари и нови соработки“, порача Ковачевски на тогашната свеченост кај наплатната рампа Тетово – Гостивар.
Две години подоцна, слична слика — со нова влада. Премиерот Христијан Мицкоски на голема манифестација најави дека „државата е едно големо градилиште“ и дека изградбата на патишта, училишта и канализации значи „градење иднина“. Делницата долга 17,5 километри, вредна околу 90 милиони евра, е дел од договорот со конзорциумот Бехтел и Енка, кој го склучи владата на СДСМ.
Но токму Мицкоски, додека беше во опозиција, остро го напаѓаше истиот договор. „Отворивме најмалку десет дилеми кои се историски криминални“, тврдеше тој, споредувајќи ги проблемите со договорот со криминалот од транзицијата — период кога многумина останаа без работа. Денес, пак, истиот договор за Мицкоски стана „магичен“.
Што значи, тогаш, ова повторно фрлање лопата? Дали е тоа почеток на вистински градежни активности или почеток на политичкиот маркетинг за нови заслуги? Во земја каде што политичките поени често се градат врз веќе започнати проекти, јавноста сè почесто се прашува: дали гледаме напредок или само повторување на симболични гестови?