06 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) го презентираше тематскиот извештај за дискриминацијата на жените Ромки во областа на работните односи, во пресрет на Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Извештајот има цел да укаже на значењето на еднаквоста, недискриминацијата и заштитата на правата на жените, особено на оние кои се соочуваат со повеќекратна и интерсекциска дискриминација.
Во документот се анализира состојбата со дискриминацијата во работните односи во периодот од 2022 до 2024 година, при што се даваат и препораки за институционални и системски мерки за надминување на структурните бариери со кои се соочуваат Ромките при вработувањето.
Според податоците од пописот во 2021 година, Ромите сочинуваат околу 2,53 проценти од вкупното население во државата. Сепак, економската состојба на оваа заедница покажува сериозни разлики во однос на останатото население. Во 2023 година општата стапка на невработеност изнесувала 13 проценти, додека кај ромската популација достигнувала дури околу 67 проценти.
Особено загрижувачка е состојбата со вработеноста на жените Ромки. Според извештајот, само 8 проценти од нив се вработени, што укажува на значителна структурна исклученост од пазарот на трудот. Голем дел од Ромките работат во неформалниот сектор, каде што најчесто немаат социјална и здравствена заштита и имаат ограничен пристап до програмите и мерките за вработување.
Членот на Комисијата, Зекир Абдулов, посочи дека бројот на поднесени претставки за дискриминација е многу низок, иако проблемот е широко распространет.
„Од 407 новоотворени случаи во 2024 година, приближно 40 проценти се однесуваат на потенцијална дискриминација на работно место или при вработување. Сепак, само три случаи се поврзани со дискриминација врз Роми во областа на вработувањето, а само во еден од нив е утврдена дискриминација“, изјави Абдулов.
Тој објасни дека Комисијата постапува по претставки поднесени од граѓани, при што се разгледуваат аргументите на двете страни – подносителот на жалбата и лицето или институцијата против која е поднесена претставката. По разгледувањето на случајот, Комисијата утврдува дали постојат елементи на дискриминација и изготвува мислење со препораки за отстранување на неправедната положба во која се наоѓа дискриминираното лице.
Во однос на улогата на судовите, Абдулов појасни дека во некои случаи судските одлуки го потврдуваат мислењето на Комисијата, но има и случаи кога пресудите се спротивни.
„Судот е независен орган, а нашата ингеренција завршува со покренување прекршочна постапка доколку не се постапи по нашите препораки“, додаде тој.
Во извештајот се нагласува дека правното и економското зајакнување на Ромките е клучно за зголемување на користењето на механизмите за заштита од дискриминација, како и за нивно поголемо учество во процесите на донесување политики кои директно ги засегаат.
Абдулов го посочи и проблемот со испразнетите работни места во јавната и државната администрација. Според него, во случаи кога Роми ќе ја напуштат својата позиција, на тие работни места често повеќе не се вработуваат припадници на ромската заедница, што претставува сериозно прашање кое бара институционално внимание.
И покрај одреден напредок, реалноста покажува дека жените Ромки и понатаму се соочуваат со бројни предизвици, вклучително дискриминација, родово базирано насилство, економска нееднаквост и недоволна застапеност на раководни позиции.
На крајот, беше упатен апел до носителите на одлуки да креираат политики засновани на еднаквост, до работодавачите да обезбедат еднакви можности и услови за работа, а до јавноста – да придонесе во надминување на стереотипите и предрасудите и во заштита од секаков вид насилство и дискриминација врз жените.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

