28 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во Кочани вчера се одржа 35. „Марш за ангелите“, протестен марш на родителите на загинатите млади во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Со болка, солзи и тишина, родителите уште еднаш побараа правда за своите деца, кои прерано ги загубија животите.
На маршот се обрати таткото на загинатата Надица Наунова, која утре требаше да го прослави својот 18. роденден. Во емотивен и потресен говор, тој ја опиша неописливата болка со која живее неговото семејство и посочи дека смртта на неговата ќерка не била по „божја волја“, туку последица на корупција и системски пропусти.
Тој откри дека Надица често го молела семејството да се иселат од Македонија, но дека не ја послушал, нешто што денес му е најголемата животна болка.
„Го славиме твојот небесен роденден, ќерко моја. На 8 март мојата Надица ѝ го подари последниот подарок на својата мајка – мал гест, но исполнет со љубов, каква што само едно дете знае да даде. Не знаевме дека тоа ќе биде нејзиното последно ‘те сакам’ преточено во дело“, рече тој низ солзи.
Таткото се присети на семејниот ручек, разговорите и радоста што ја делеле само неколку дена пред трагедијата, кога планирале како ќе изгледа прославата на нејзиното полнолетство – музиката, ди-џејот, фустанот, гостите и тортата.
„Тоа не беа само планови, тоа беше живот што го очекувавме. Но, на 16 март сè се згасна“, додаде тој.
Потресно писмо објави и мајка на едно од загинатите момчиња, посветено на својот син и на неговите пријатели, кои својата прва Нова година, наместо со најблиските, ќе ја „дочекуваат“ на небото.
„Требаше овде да се слуша вашиот глас, вашата смеа и љубов. Наместо тоа, останаа тишина, крик, болка и солзи. Среќна ви прва небесна Нова година, ангели наши. Славете како што знаевте – радосни и разиграни, како таа кобна ноќ“, напиша таа.
Во пораката родителите ја истакнуваат и својата последна, но најважна желба – правдата да ја исполни својата улога.
„Имаме уште една желба – правдата да пресуди за вашето прерано заминување. Ако таа се исполни, ќе знаеме дека постои правда“, стои во пораката.
Маршот заврши мирно, но со силна порака дека родителите нема да престанат да се борат сè додека не биде утврдена одговорноста за трагедијата што засекогаш ги промени нивните животи.
Вселенскиот Патријарх ја пофали Бугарија за еврото со ликот на Свети Иван Рилски
Бујар Османи: Албанците се понижувани и заплашувани во државна институција
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

