Раст на синдикалната кошничка: Граѓаните преживуваат со кредити, владата ужива во луксуз
Синдикалната кошничка порасна за 1.217 денари само за еден месец, а најголем дел од овој раст се должи на зголемените трошоци за храна и пијалоци – дури 954 денари повеќе. Според последните пресметки, едно четиричлено семејство денес има потреба од речиси 64.000 денари месечно – само за основни животни потреби.
Ова, според СДСМ, е директен резултат на неспособноста на актуелната влада и дебаклот на економските политики на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
„Цените растат, платите стојат, мерки – нема!“, предупредуваат од партијата.
Додека граѓаните секојдневно се борат со инфлацијата и земаат кредити за да го истераат месецот, власта, според СДСМ, троши народни пари за луксузна храна. Само во април и мај, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) склучила договори вредни 2.2 милиони денари за набавка на октоподи, лосос и школки.
„Ова не е политика, ова е грабеж“, реагира СДСМ.
Поради ваквата состојба, опозициската партија бара итно прифаќање на три клучни мерки:
- Зголемување на минималната плата на 500 евра,
- Зголемување на платите во јавниот и приватниот сектор,
- Укинување на ДДВ за храна како начин за реално намалување на цените.
СДСМ порачува дека останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да се бори за достоинствен живот, реални плати и економија што работи за народот, а не за министрите.