Радев на средба со Кос, изразил надеж дека С. Македонија ќе ги внесе Бугарите во уставот
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска се сретна со европската комесарка за проширување Марта Кос, која престојува во Софија по повод форумот „ЕУ се среќава со Балканот“. Средбата се одржа во контекст на актуелните европски интегративни процеси и регионалната стабилност, со посебен фокус на Западен Балкан.
Според Бугарската телеграфска агенција (БТА), Радев за време на разговорот ја изразил својата надеж дека Република Северна Македонија што поскоро ќе продолжи со имплементацијата на европскиот консензус од 2022 година. Претседателот оцени дека ова е клучен чекор за отворање на патот кон почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.
Тој потенцираше дека процесот на проширување мора да се заснова на темелна примена на Копенхашките критериуми, истакнувајќи дека одржливоста и неповратноста на овој процес зависат од доследната примена на европските принципи и вредности.
„Дури и кога новата геополитичка динамика ја истакнува важноста на проширувањето на ЕУ, принципот на пристапување врз основа на сопствените заслуги треба да остане водечки критериум во оценувањето на кандидатите,“ изјави Радев.
Од своја страна, еврокомесарката Марта Кос по средбата ја оцени посетата како продуктивна. Во објава на социјалната мрежа Икс, таа нагласи дека дискусијата се однесувала на регионалните предизвици и перспективата за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
„Во време на нови глобални безбедносни предизвици, можеме да ја заштитиме нашата слобода, нашата безбедност и нашиот просперитет само ако нашите соседи се со нас“, напиша Кос, нагласувајќи ја потребата од заедништво и стабилност на континентот.
Средбата во Софија доаѓа во клучен момент за евроинтегративниот процес на Западен Балкан, особено во контекст на очекувањата од Северна Македонија да ги вгради Бугарите како конститутивен народ во својот Устав – што е еден од условите поставени од Бугарија за продолжување на европскиот пат на земјата.