12 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Граѓани од Куманово кои во изминатите години работеа за американски компании во Ирак и Авганистан повторно излегоа на протест пред одделението на Управата за јавни приходи во Куманово. Тие бараат поголема транспарентност и јасни информации од надлежните институции во врска со постапките што се водат против нив.
На денешниот протест, присутните официјално поднесоа документација за формирање граѓанско здружение под назив „Правда за сите“. Според нив, ова здружение ќе претставува организирана форма на правна и граѓанска борба за остварување на нивните права.
– Уште еднаш потенцираме дека здружението не е политичко и нема да се занимава со политика. Неговата цел е исклучиво правна и граѓанска борба – изјави Жикица Миланов во име на присутните.
Протестот беше организиран пред Управата за јавни приходи, институција која, според граѓаните, директно ги засега во конкретниот случај. Тие изразија незадоволство поради, како што велат, недостиг на комуникација и информации од страна на УЈП.
– Од УЈП не добиваме никакви информации за истрагата, за документацијата, ниту за документот кој, според нашите сознанија, е доставен од фирма од САД. Не знаеме што содржи тој документ, ниту какво влијание ќе има врз конечната одлука – посочи Миланов.
По собирот пред УЈП, протестот продолжи со марш до зградата на Општина Куманово. Граѓаните очекуваат локалната самоуправа да се вклучи како посредник и поддржувач во отворањето на прашањата на централно ниво.
Дополнително, тие реагираат и на, како што велат, континуираното одложување на седница на Советот на Општина Куманово, на која требало да се разгледува нивниот случај.
– Бевме на две средби со координаторите на советничките групи. Ни беше кажано дека ќе има седница многу брзо, дури и оваа недела, но тоа не се случи – изјави Миланов.
Покрај протестните активности, дел од граѓаните веќе започнале и правни постапки. Неколку приватни тужби се поднесени преку адвокати, во рамки на законските рокови. За случајот е информиран и Народниот правобранител.
Граѓаните најавуваат дека протестите ќе продолжат и во наредниот период, сè додека не добијат, како што велат, јасни информации и конкретни одговори од надлежните институции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

