29 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Состојбата во термоелектраната РЕК Битола е сериозно загрижувачка и укажува на длабока енергетска криза, предупредува професорот Трајковски, анализирајќи ги дневните извештаи на МЕПСО.
Според податоците, во моментов работи само еден блок од РЕК Битола, и тоа со моќност која не достигнува ниту 130 мегавати – односно околу 56 отсто од неговата номинална моќност од 230 MW. Останатите два блока се надвор од функција. Како резултат, дневното производство изнесува само околу 3,1 GWh електрична енергија, наспроти потенцијалните 16,5 GWh доколку сите три блока би работеле со полн капацитет.
Оваа состојба, која професорот ја оценува како „катастрофално ниска ефикасност“, мора да се компензира со купување електрична енергија – и тоа од приватната гасна термоелектрана Те-То Скопје, како и преку увоз од странство.
Парадоксално, но факт е дека во моментов Те-То Скопје произведува повеќе електрична енергија отколку јагленската термоелектрана во Битола. Дополнително, и хидроцентралите на ЕСМ моментално произведуваат повеќе од термоцентралите – нешто што до неодамна било незамисливо. Производството од фотонапонските централи, пак, е минимално поради облачното време.
Клучниот проблем лежи во недостигот и лошиот квалитет на јагленот. Домашниот лигнит има сè поголема содржина на јаловина и пепел, висока влажност и сè пониска калорична вредност. Тоа значи дека за производство на иста количина електрична енергија е потребно сè поголемо количество јаглен, што технички е ограничено од капацитетите на мелниците и котлите.
Како резултат, турбините работат во подноминален и подоптимален режим, со драстично намален степен на корисно дејство. Цената на произведената електрична енергија расте, а економската исплатливост на постројката опаѓа.
Пониската калорична вредност на јагленот не овозможува ниту стабилно согорување, па затоа е неопходно континуирано додавање мазут. Наместо вообичаените околу 2 килограми мазут по произведен мегаватчас, сега се трошат меѓу 10 и 15 килограми, што дополнително ја зголемува цената на електричната енергија.
Со тоа, РЕК Битола станува целосно увозно зависна – не само од јаглен, туку и од мазут. Секое нарушување на синџирите на снабдување, како актуелните блокади од грчките земјоделци, директно го доведува во прашање домашното производство на струја.
Професорот Трајковски остро ја критикува и идејата за активирање на рудникот „Живојно“. Според неговите пресметки, за ископување на 1 тон јаглен би требало да се ископаат 8 до 9 тони јаловина, што би ја подигнало цената на јагленот на околу 112 евра по тон. Со оглед на тоа што се потребни околу 1,7 тони јаглен за 1 MWh, а со дополнителни оперативни трошоци, производната цена би достигнала најмалку 215 евра за мегаватчас – двојно повеќе од берзанската цена на електричната енергија.
Како реална и остварлива алтернатива, професорот предлага Македонија итно да набави две користени гасни централи од по 180–200 MW и да ги поврзе со постоечката парна секција во Неготино. Со инвестиција од околу 100 милиони евра и рок од 18 месеци, земјата би добила комбинирана гасна централа од 540 MW, која би можела да се отплати за само две години.
Паралелно, би се продолжило со изградба на обновливи извори, со цел до 2050 година Македонија целосно да се ослободи и од гасот.
Наместо тоа, актуелната енергетска политика, според Трајковски, ја претвора државата во купувач на скапа струја од приватни производители и од увоз, со директни последици врз буџетскиот дефицит и јавниот долг. Единствени добитници се приватните производители, увозници и трговци со електрична енергија, додека товарот го сносат граѓаните.
„Ваквите одлуки не се инвестиции, туку чекори што ја закопуваат енергетската иднина на Македонија“, предупредува професорот, повикувајќи на итна промена на насоката и рационален пристап кон енергетскиот развој на државата.
Вселенскиот Патријарх ја пофали Бугарија за еврото со ликот на Свети Иван Рилски
Бујар Османи: Албанците се понижувани и заплашувани во државна институција
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

