29 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Македонската влада, од самиот почеток на својот мандат, води економски политики кои не само што не носат развој, туку ја туркаат државата кон системска деградација, зголемена зависност од странски интереси и финансиска нестабилност. Ова е пораката на професорот Трајковски, кој остро ги критикува потезите на власта што, според него, се економски неоправдани и опасни по иднината на Македонија.
Еден од најалармантните потези е позајмувањето на една милијарда евра од Унгарија за финансирање на општини и приватни фирми, без јасна економска анализа или план за поврат на инвестицијата. Наместо инвестициите да се исплатат сами преку профит, каматите се враќаат од буџетот, односно од парите на граѓаните, со што државата станува гарант за туѓи приватни добивки.
Во енергетскиот сектор, Владата, наместо да инвестира во домашни капацитети како хидроцентрали или гасни централи, најдобрите локации за ветерници ги отстапува на странскиот фонд „Алказар Енерџи“. Дополнително, компанијата „Казанџи груп“, чија фирма-ќерка е инволвирана во меѓународни корупциски скандали, се воведува како „стратешки инвеститор“. Притоа, државата ќе купува струја по берзански цени, како да ја увезува, без никаква ценовна корист за македонските граѓани.
Друг пример на неодговорно трошење е најавата за ново задолжување од 2 милијарди евра за изградба на брза пруга, иако досегашните искуства покажуваат неисплатливост – како што е случајот со пругата Куманово-Бугарија, која и по 25 години не е завршена. Наместо инвестиции во исплатливи проекти како „Вардарска Долина“, парите се насочуваат кон проекти со минимален поврат и големи долгови.
Договорот за „стратешко партнерство“ со Велика Британија, кој предвидува можност за задолжување до 6 милијарди евра, дополнително ја загрозува фискалната стабилност на земјата. Со ова, Македонија ризикува да западне во должничка несолвентност, бидејќи новите заеми се насочуваат кон економски неодржливи проекти кои не создаваат вредност, туку само долгови.
Професорот предупредува на погрешното изедначување на странските директни инвестиции во фабрики со инвестиции во енергетиката. За разлика од фабрика што може да се пресели, концесиите за ветер, сонце и вода се долгорочни и неповратни – до 50 години. На тој начин, државата ја губи контролата врз своите ресурси, а граѓаните немаат корист ни од цената на струјата, ни од профитот.
Многу од овие проекти се склучуваат без јавни повици, тендери или конкуренција – што отвора сериозни сомнежи за корупција. Според Трајковски, ова не се изолирани случаи, туку дел од системски модел на недомаќинско, клиентелистичко и штетно управување. Наместо јавни добра, добивките одат кај странски фирми, а штетите остануваат во земјата.
Трајковски истакнува дека енергијата не е обичен производ, туку столб на државниот суверенитет. Затоа, концесиите за природни ресурси мора да се регулираат со Законот за јавно-приватно партнерство или Законот за стратешки инвестиции, а не да се третираат како обични странски инвестиции. Само со државни инвестиции, добивката останува во Македонија, се реинвестира и создава долгорочна вредност.
Во завршницата, професорот апелира дека вината не лежи само кај политичарите, туку и кај граѓаните, медиумите и стручната јавност. Тој бара поголема информираност, критичко размислување и одговорност – бидејќи молчењето или поддршката на вакви политики значи соучество во сопствената пропаст.
„Македонија не се развива – таа се задолжува и ја губи контролата над своите ресурси“, предупредува Трајковски. Според него, неопходно е итно преструктуирање на економските приоритети и запирање на оваа опасна патека на задолжување за туѓ профит, која води кон финансиска, економска и суверена ерозија на државата.
Се брише член 19: П олицаец осуден за криминал повеќе не мора да биде отпуштен
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден