Проф. Ангел Димитров: Корупцијата во Северна Македонија е длабоко вкоренета – и не е од вчера
Во интервју за бугарската телевизија Нова ТВ, историчарот и дипломат проф. Ангел Димитров остро ја коментира состојбата во Република Северна Македонија, посочувајќи дека корупцијата во земјата е „повсеместна“ – и дека тоа е хроничен проблем, а не нешто ново.
Повод за коментарите беше трагедијата во Кочани, каде пожар во дискотека одзеде 59 човечки животи, а речиси 200 лица беа хоспитализирани. Според него, оваа несреќа на извесен начин го смири политичкиот тон меѓу Скопје и Софија, но истовремено ја откри длабочината на системските проблеми во земјата.
„Пожарот во Кочани не е само локална трагедија – тоа е слика за пошироката состојба во државата“, вели Димитров. Тој го критикува начинот на кој властите реагираа, особено пофалбите на премиерот за градоначалникот кој поднесе оставка, со образложение дека „не е виновен“. Според професорот, токму тоа е показател за начинот на функционирање на институциите – со замолчување на одговорноста и прикривање на вистината.
„Во мал град како Кочани, каде сите се знаат, не може да се тврди дека никој не знаел дека дискотеката работи нелегално цели 20 години. Сите пријавувале, но никој не реагирал“, потенцира Димитров.
Тој изрази скепса дека случајот ќе се расчисти до крај, нагласувајќи дека политичката волја за вистинска борба со корупцијата недостига. Според него, и власта и опозицијата го користат зборот „антикорупција“ како мантра, но реални резултати нема.
Професорот исто така истакнува дека иако состојбата во земјата е тешка, нема реална опасност од политичка дестабилизација. „Партиите имаат медиуми под контрола и го моделираат јавното мислење. Народот сè уште не е подготвен за протестен отпор како во Белград“, вели тој.
Неговата порака е јасна: без вистинска одговорност и институционална храброст, корупцијата ќе остане рак-рана што ја разјадува државата одвнатре.