26 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во најновото гостување во подкастот Почетна Пресметка Оливер Андонов упати остра критика кон актуелната економска состојба во државата, посочувајќи дека сиромаштијата не е само социјален, туку и политички проблем.
„А знаете зошто се држат луѓето во таква состојба? Затоа што сиромашен човек се бори за основи на живот. Сиромашен човек е роб. Сиромашен човек е лесен за манипулација“, изјави Андонов.
Според него, економската зависност го става граѓанинот во позиција на постојана несигурност. Кога егзистенцијата зависи од месечна плата од, како што посочи, 400 евра, човекот е фокусиран исклучиво на преживување – храна, сметки и основни потреби. Во такви услови, тврди Андонов, нема простор за личен развој, образование или социјална мобилност.
Андонов го опиша примерот на семејство кое чека „на први“ да добие плата за да може да ги подмири најосновните трошоци.
„Тоа значи дека моите деца нема да можат да се школуваат. Тоа значи дека нема да излезам ни јас ни моето семејство надвор од овој круг во кој се движам“, нагласи тој.
Тој додаде дека за луѓето од внатрешноста и доаѓањето во Скопје со вакви примања претставува „доживување“, што според него говори за длабоката економска нерамнотежа и нискиот животен стандард.
Во своето излагање, Андонов се осврна и на, како што рече, повиците од страна на премиерот „да се веселиме“ и да престане „кукањето“.
„Ако нему му е до зурли и до свирка, нека се весели. Чувството за веселба е индивидуална работа. А мене во моментов, по однос на економските прашања на државата и по однос на татковината, не ми е до веселење“, истакна тој.
Според него, економските политики и насоката во која се движи државата можат „скапо да нè чинат“, оценувајќи ја актуелната политичка состојба како авантура со неизвесни последици.
Гостувањето на Андонов во „Коридор 8“ отвори прашања за економската стабилност, животниот стандард и одговорноста на власта во креирањето услови за достоинствен живот.
Неговата централна теза останува јасна: додека граѓаните се принудени да се борат за основна егзистенција, тие остануваат ранливи и зависни – а тоа, според него, има сериозни последици за демократијата и иднината на државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

