Приведен велешанец кој на интернет продавал „благословени“ предмети
На 20 мај 2025 година, во Секторот за внатрешни работи Струмица бил пријавен случај на интернет измама, во кој е инволвиран 33-годишен жител на Велес. Според пријавата од претставник на МПЦ – OA – Струмичка Епархија, на социјалните мрежи се појавила фан страница со назив „Библиска Македонија“, на која се објавувале религиозни содржини, пораки и извадоци од беседи на Владиката Јаков.
Осомничениот, идентификуван како Д.С. од Велес, преку оваа страница започнал со продажба на мали тегли што содржат по 31 библиски стих, како и религиозни книги. Производите биле претставени како благословени од Владиката Јаков, а на купувачите им било кажувано дека теглите биле чувани во манастирот во Ново Село. Со ова, се создавала лажна претстава за автентичноста и духовната вредност на производите, а средствата од продажбата биле наводно наменети за донации и обезбедување топли оброци за бездомници.
По добиената пријава, полицијата веднаш презела мерки за утврдување на идентитетот на сторителите. Со судска наредба бил извршен претрес во домот на Д.С. во Велес, при што биле пронајдени и одземени пет тегли со библиски цитати и други предмети поврзани со делото. Д.С. бил приведен и со него бил извршен службен разговор.
На 21 мај 2025 година, во полициска станица била повикана и неговата сопруга, Р.С. (27), со која исто така бил извршен разговор во врска со случајот.
За случајот е запознаено Основното јавно обвинителство во Струмица, и по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава против Д.С. и Р.С. за сторено кривично дело поврзано со измама и злоупотреба на верска доверба.